Од Aгенцијата за храна и ветеринарство информираа дека во трите туристички центри Дојран, Охрид и Струга биле спроведени вкупно 128 контроли, при што кај 61 угостителски објект се констатирани неусогласености

Недоволна хигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено-хигиенски прегледи на вработените, неуредно и нередовно водење на записите во согласност со пропишаните процедури за добра производствена и добра хигиенска практика и ХАСАП-стандардите, забележале инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при вонредни контроли во објектите на три туристички локации во земјава.

– Инспекциските служби, од 5 до 11 јули спроведоа вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна во туристичките центри Дојран, Охрид и Струга. Целта на контролите спроведени во хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе-баровите, маркетите и други објекти е пред сѐ во насока на спречување на појава на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури и зголемената фреквенција на потрошувачи во екот на туристичката сезона – објаснуваат од АХВ.

Од Агенцијата посочуваат дека во трите туристички центри биле спроведени вкупно 128 контроли, при што кај 61 оператор со храна се констатирани неусогласености кои се однесуваат на недоволна хигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено-хигиенски прегледи на вработените. Притоа, како небезбедни се поништени приближно 218 килограми храна, најголем дел месо и подготовки од месо и од јајца.

– За отстранување на констатираните недоследности, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство донесоа 20 решенија и една забрана, изречени се и 50 инспекциски мерки едукација на операторите и 6 парични казни. Покрај засилените контроли во туристичките центри, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува зајакнати контроли и во малопродажните објекти во сите населени места, како и во местата каде што се одржуваат манифестации на отворено и каде што се подготвува и послужува храна – додаваат надлежните.

Од почетокот на годинава, заклучно со месец мај, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 28.926 контроли во внатрешниот промет и 33.198 контроли на пратки од увоз. Како небезбедни, во овој временски период се уништени 137 тони храна, најголемиот дел од животинско потекло.

– Пред најавеното зголемување на температурите, апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање безбедна храна во услови на високи температури, кога и ризикот од нејзино расипување е поголем. Храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат на означувањето на производите, на тоа каде и како истите се чуваат. Исклучително е важно да се внимава на хигиената и во домаќинствата при подготовка на храната, нејзиното чување на соодветна температура, одвојувањето на сировото од приготвеното, како и користењето на исправна вода и свежи немирници за подготовка на храната – алармираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Воедно посочуваат, граѓаните кои ќе забележат некаква недоследност во поглед на безбедноста на храната истата да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, или на електронската пошта [email protected].