Фото: Игор Бансколиев

Неопходно е Владата и Министерството за финансии да го ревидираат методот на проектирање на капиталните расходи во буџетот, да ја напуштат политиката на свесно првично проектирање повисоки износи на капиталните расходи и нивно следствено кратење со ребаланс, укажуваат експертите

Фискалните движења во изминатиов период ја наметнаа потребата од минимално приспособување на буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходна, така и на расходна страна. Планирано е да се покриваат дупките на општините и на фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, но и да се скратат капиталните инвестиции од државата, дефицитот останува непроменет, а стапката на пораст е ревидирана на 2,8 проценти. Со оглед на слабата искористеност на средствата предвидени за капитални инвестиции, економистите укажуваат дека планираниот ребаланс ќе има позитивни ефекти, но истакнуваат дека на долг рок ваквите дејства не се најповолни за економскиот пораст.

Предложениот ребаланс го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, кој нагласи дека измените се подготвени, следејќи ја политичката ситуација во земјава во согласност со движењата на македонската економија, како и со реализацијата на приходите и расходите.

– Со ребалансот на буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на пораст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО – вели Тевдовски.

Тој истакна дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините, за да сервисираат значителен дел од своите ненамирени обврски, како и на дел од ненамирените обврски на единките корисници основани од нив.

– Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на пораст од 3,2 на 2,8 проценти. Вкупните приходи се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП – појаснува Тевдовски.

Тој додава дека во наредниот период се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на СДИ во земјата, како и задржување на високиот пораст на извозот и значаен придонес на потрошувачката врз порастот.

– Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка – вели Тевдовски.

Најголемо кратење има кај проектите каде што има забавена динамика, односно за гасификација и за откажаната изградба на клиничкиот центар.

Иван Вчков, аналитичар во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека тековно, во согласност со септември оваа година, извршувањето на капиталните трошоци изнесуваат 27,43 отсто.

– „Фајненс тинк“ очекуваше и прогнозираше ребаланс на буџетот уште кога првичните информации беа излезени за подреализацијата на капиталните инвестиции од 16,6 отсто од буџетираното во јуни 2018 година. Со оглед на фактот дека и во претходните години нашето искуство покажува дека капиталните расходи се секогаш на нишан на буџетскиот ребаланс, овој пат не е воопшто некаков исклучок од воспоставената редовна практика – истакна Вчков.

За елиминирање на ваквата практика тој додава дека е неминовно и неопходно Владата на Република Македонија и Министерството за финансии да го ревидираат методот на проектирање на капиталните расходи во буџетот, да ја напуштат политиката на свесно првично проектирање повисоки износи на капиталните расходи и нивно следствено кратење со ребаланс.

– Треба да почнат широка експертска дебата за намената и ефикасноста на потрошените средства и соодветно приоритизирање на продуктивни инвестиции што би придонеле за пораст и развој на долг рок, како образованието и здравството – нагласува Вчков.

Според него, неоспорлив факт околу капиталните инвестиции е дека тие се важен фактор во заживувањето и поттикнувањето поголема економска активност во секоја земја.

– Земајќи ја предвид подреализацијата на капиталните инвестиции, „Фајненс тинк“ предвидува БДП-пораст од 2,2 отсто, што е намалување од првичната процена на Министерството за финансии од БДП-пораст од 3,2 отсто за 2018 година. Впрочем, и Министерството ја намали својата проекција на пораст на 2,8 отсто. Во согласност со тоа, подреализацијата и намалувањето на капиталните инвестиции со сигурност имаат негативен ефект врз економијата на Македонија – смета Вчков.

Како што напоменува тој, одлуката да се покријат 51 отсто од пријавените обврски на општините со сигурност ќе помогне во нормалното функционирање на општините, со оглед на фактот дека тековно имаат ограничени способности во раководење на економската активност и инвестициите на локално ниво поради нивните должнички стеги.

– Но треба да се истакне моралниот ризик од ваквата практика и да се истакне дека оваа одлука не означува дека општините во иднина ќе бидат секогаш покриени од централниот буџет ако потфрлат во управувањето со нивните буџети и долгови – појаснува Вчков.

Според ставот на универзитетскиот професор Никола Поповски, ребалансот е потребен од две причини, прво приходите, иако не драстично, но не се реализираат со планираната динамика, и второ расходите, особено оние за капиталните трошоци, се депримирачки ниски и отстапуваат драстично од проектираното.

– Тоа, заедно со задржувањето на поставениот дефицит на ниво од 2,7 отсто од БДП создава огромна ликвидност на буџетот, од која никој, освен монетарните власти, не е задоволен – истакна Поповски.