Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Џери Браун го потпиша законот со кој државата се обврзува до 2045 година да произведува струја без емисија на јаглерод диоксид.

– Ќе ги исполниме обврските од Договорот од Париз и ќе ја насочиме нашата економија да испушта нула јаглерод диоксид – изјави гувернерот Браун.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Климатскиот договор потпишан во Париз во 2015 година, но одделни американски градови и сојузни држави најавија дека и покрај тоа ќе го почитуваат Договорот.

Според законот изгласан во Собранието на Калифорнија, до 2025 година во државата најмалку половина од струјата ќе мора да се произведува од обновливи извори – сончева, геотермална, хидро енергија или од ветерници. До 2030 година овој удел треба да се зголеми до 60 проценти, а до 2045 година треба да се затворат последните термоцентрали на јаглен и природен гас.

– Ова барање е неисплатливо и неодржливо – соопшти компанијата „Пацифик гас и струја“, која снабдува две третини од Калифорнија со струја и гас.
Според компанијата, цените на струјата и другите енергенси ќе се зголемат како резултат на овој закон.