Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен општата констатација дека скијањето е еден од спортовите каде што има минимален контакт со други лица и оти тој се одвива исклучиво на отворено и на височини над 1.300 метри, каде што речиси секогаш има ветер, од здружението „Ски Македонија“ истакнуваат и дека домашните ски-центри и инфраструктурата сами по себе обезбедуваат физичка дистанца, зашто со години во нив не е многу вложувано

ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

По првичниот бран разочарување и револт од владината одлука за забрана на работењето на ски-центрите низ земјава во текот на претстојната зимска сезона, засегнатите, но и упатените, посочуваат оти тоа не би требало да биде конечно решение бидејќи она што досега се сметаше за нивен недостаток, сега, во услови на пандемија на коронавирусот, би можело да се претвори во предност.
Имено, освен општата констатација дека скијањето е еден од спортовите каде има минимален контакт со други лица и оти тој се одвива исклучиво на отворено и на височини над 1.300 метри, каде што речиси секогаш има ветер, од здружението „Ски Македонија“ истакнуваат и дека домашните ски-центри и инфраструктурата сами по себе обезбедуваат физичка дистанца, зашто со години во нив не е многу вложувано.
– Имајќи ја предвид оваа реалност, во која ниту еден ски-центар не располага со големи шестоседи и гондоли, а луѓето се возат сами на лифтовите, Владата треба да ја преразгледа мерката за функционирање на ски-центрите – сметаат од здружението.
Покрај тоа, како што истакна сопственикот на една од туристичките агенции, Дончо Нацев, Владата би требало да ги земе предвид и сосема извесните финансиски последици од затворањето на центрите и да ја преиспита својата одлука.
– Следејќи ги препораките на СЗO и македонската влада донесе одлука за затворање на зимските центри во Македонија, во која има многу нејаснотии и не е прецизирано до кога тие ќе бидат затворени, дали воопшто ќе функционираат оваа сезона, кои мерки ќе се спроведат доколку бидат отворени – објаснува Нацев.

Тој смета дека оваа донесена одлука ќе предизвика дефинитивен колапс на туристичката индустрија, хотелиерите, туристичките агенции и на превозниците, а ќе ги оштети и љубителите на зимските спортови.
– Деновиве интензивно ги следам сите светски одлуки на познатите ски-центри, кои препорачуваат целосна здравствена заштита на клиентите преку повеќе мерки, како што се електронско резервирање ски-билет, носење маска, држење дистанца, дезинфицирање на ски-кабините, поставување повеќе средства за дезинфекција на видни места – објаснуваа Нацев.
Македонија нема големи скијачки центри со огромни ски-кабини, истакна тој, и од таа гледна точка тоа може да биде предност, поради што, според него, треба само да им се дозволи на ски-центрите да изработат вистински планови за работа, се разбира, со зголемен персонал.
– Доколку ги затвориме ски-центрите, ни претстојат голем економски колапс и одлив на туристи во соседните држави, како што се Србија, Косово, Албанија, па дури и Бугарија, поради што очекувам поумерени одлуки на Владата – додава Нацев.
И Даниела Михајловска Василевска од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија вели дека, во согласност со одлуката на Владата за затворање на зимските скијачки центри, компаниите што се занимаваат со оваа дејност, членки на здружението, се надеваат дека ваквата одлука е привремена и дека сепак нема да се одрази премногу негативно на претстојната зимска сезона.

– Имено, компаниите од секторот укажуваат дека во услови на затвореност на границите на повеќе европски држави и неможност за патување, очекувањата се дека и оние туристи, пред сѐ домашните што ќе се одлучат за реализирање на зимски одмори ќе видат одлична можност во зимските туристички центри, дека тие сепак ќе ја истераат сезоната и ќе успеат да го пребродат овој тежок и неизвесен период предизвикан од корона-кризата – појаснува Михајловска Василевска.
Како што вели таа, во овој сектор сметаат дека надлежните државни органи треба да изработат соодветни протоколи за да може овој дел од туристичката активност во зимскиот период да се реализира непречено, а секако во прв план да остане здравјето на граѓаните.
– Истовремено компаниите се подготвени да учествуваат и да придонесат во креирање протокол со кој ќе се остават во функција зимските скијачки центри, бидејќи надежта кај сите нив беше дека претстојната зимска сезона може да биде една од најдобрите во последните две децении. Сепак, ризикот сѐ уште е присутен поради можноста за преминувањето на границите помеѓу Македонија, Србија и Албанија без ПЦР-тестови, така што зимските скијачки центри во Србија остануваат сериозна конкуренција на домашните – објаснува Михајловска Василевска.
Од здружението се подготвени да го дадат својот придонес во креирање безбедни услови за функционирање на дејноста, со дефинирани протоколи за работа на сите сегменти заради заштитата на здравјето на граѓаните пред сѐ, но и овозможување функционирање на деловните субјекти, кои, како што нагласи Михајловска Василевска, сепак учествуваат и во полнењето на државниот буџет.