Фото: Игор Бансколиев

Во борбата против економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, членките на ЕУ постигнаа договор за најголемиот буџетски и финансиски пакет во својата историја што ќе овозможи одржување на перформансите на нивните економии и подобрување на конкурентноста на компаниите во тие земји. Но како ќе се одрази тоа во земјите што не се во ЕУ? Од друга страна, во Македонија поддршката на стопанството сѐ уште е докрај непрепознатлива и педантно недообликувана, така што целисходноста е значително намалена. На тој начин јазот меѓу гореспоменатите економии, нашата и европската, според експертите, и понатаму динамично ќе се продлабочува

Силни аргументи зошто членството во Унијата е приоритет за нашата земја

Неопходноста од поддршка на стопанството заради создавањето економски добра, раст на БДП, одржлив развој, зачувување на работните места и создавање нови, како и динамизирање на сите национални економски перформанси, повторно се истакнува во јавноста деновиве по формирањето на новата влада, која даде и нови ветувања за поддршка на стопанството во насока на надминување на кризата наметната со ширењето на коронавирусот. Тој чекор е за поздравување и заедно со бизнис-секторот стопанството е во очекување дека „ќе смени во поголема брзина“.

Европската помош за нашето стопанството не помага, туку долгорочно одмага

Уште од самиот почеток на кризата од страна на Владата беа преземени повеќе мерки за поддршка на стопанството, од кои дел беа насочени кон најпогодените сектори. Сепак, стопанствениците и претставниците на бизнис-заедницата укажуваат дека помошта немаше доволно ниту квантитативни ниту квалитативни перформанси за да се надмине кризата и дека ќе бидат потребни дополнителни мерки и пакети, кои не смеат да се ограничат само на „спас на стопанството“.
Упатените наедно укажуваат дека средствата што се одвојуваат во земјава треба да добијат нова димензија и од квалификацијата дека тие се наменети „за спас на стопанството и дека се скоро незначителни“, тие треба да бидат планирани со волумен и квалитет како за „импулс за потенцијален силен отскок и национален стопански раст!“ Ова не е обична флоскула, туку е втемелена на примерот и споредбата со сумите што ги договори Европската Унија за своите членки како одговор и економско-финансиски мерки за корона-кризата.

Имено, во борбата против економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, членките на ЕУ постигнаа договор за најголемиот буџетски и финансиски пакет во својата историја. Европските лидери се договорија за економската и инвестициска програма за борба против последиците од пандемијата да издвојат 750 милијарди евра, од кои 360 милијарди се кредити, а 390 милијарди евра ќе бидат неповратна помош за земјите-членки.
Притоа Италија како една од најпогодените од корона-кризата ќе добие околу 28 проценти или 209 милијарди евра од 750 милијарди тешкиот план. Солидни суми добиваат и Романија, за која ќе бидат одвоени 80 милијарди евра, Бугарија – 29, Хрватска – 22 милијарди евра, додека, пак, соседна Грција добива над 70 милијарди евра. Ваквата помош ќе биде значителна поддршка за компаниите во европските земји, кои со добиената помош ќе успеат уште повеќе да ги подобрат своите перформанси, но и конкурентноста. Ова за домашните експерти е сигурен чекор кон уште подобра позиција и поголема конкурентност на компаниите во земјите-членки на Унијата, во споредба со домашните компании на земјава, но и на другите компании во земјите што не се членки на ЕУ.

Домашните компании го губат чекорот

Бизнисмените укажуваат дека не е само пандемијата причина за лошите економски перформанси. Тие истакнуваат дека оваа ситуација само дополнително ќе ги влоши состојбите и можностите за понатамошен напредок.
– Ние и претходно како земја стопански сме слаби, имаме слаби резултати, а дополнително состојбата се влошува при секоја криза. За подобра позиција потребно ни е што побргу асоцирање во големото семејство наречено Европска Унија. А власта и опозицијата не покажуваат иновативност за ова, туку само се расправаат, без да ја гледаат големата слика за тоа каде треба да оди државата и каде да се интервенира за подобрување на состојбите – вели Менедерс Кучи, бизнисмен.
Тој посочува дека како држава треба да бидеме погласни, поконкретни, да ги наметнеме своите прецизни барања пред претставниците на Унијата, да знаеме што да побараме и да понудиме за возврат. Тој додава дека за такво нешто се потребни знаење, умешност, посветеност и храброст, наедно исполнувајќи ги условите што Унијата подолг период ги бара од нас како држава.

– За да бараме поголема помош од Унијата, треба да имаме солидни параметри, луѓе, идеи, проекти, меѓународни конекции итн. Тоа не може да се постигне со високото ниво на корумпираност и без владеење на правото и законите. Поради овие причини, поддршката е поголема во земји каде што има подобри перформанси, а секако дека тоа ќе влијае и на конкурентноста на компаниите и националните стопанства во тие земји. Ние и претходно немавме добри позиции, но сега состојбата со европската „помош“ и пакет мерки, очекувано за нас и повеќе ќе се влоши. Во случајов само ќе се продлабочи јазот меѓу компаниите на глобално ниво и ним ќе им даде уште поголема предноста. Сепак, сметам со голема доза оптимизам дека тоа треба да биде поттик, да нѐ мобилизира, и ние како бизнис-заедница, и граѓаните и невладините здруженија да влијаеме врз политиките на Владата, да ја насочиме на прав пат – истакна Кучи.

И претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека досегашните перформанси на македонската економија се многу слаби и дека пред сѐ мора да сме свесни за капацитетот на домашното стопанство. Тој додава дека конкурентноста на македонските компании и пред корона-кризата беше многу слаба, а сега со „мерките“ на ЕУ уште повеќе конкурентноста ќе стагнира.
– Извозот што го правиме е претежно на производи што се суровина за друг финален продукт, не сме произвеле финален продукт што е препознатлив наш бренд, туку претежно се тоа ресурсни производи. Поради ова конкурентноста на македонската економија зависи од глобалната економија, поради што и помошта е толку мала. Нашите патишта се празни, немаме камиони, немаме превоз, кризава дури покажа дека можеме да трошиме и помалку отколку што сме трошеле. За жал, ние можеме да зборуваме за ликвидност и опстојување на македонските компании, бидејќи нашите компании не им се конкурентни на странските компании – посочува Бошков.