Фото: Маја Јаневска-Илиева

Упатените во туристичката дејност посочуваат дека со субвенции за домашните туристи уште повеќе ќе заживее туризмот, но и дека е неопходно и паралелно вложување во инфраструктурата

Субвенции за поддршка на домашните туристи, подобрување на инфраструктурата, креирање урбанистички планови насочени кон поддршка на туристичката дејност, но и други предуслови се неопходни за поттик за насочување на домашните туристи кон дестинации во земјава. Упатените во туристичката дејност велат дека паралелно со поддршката на туроператорите за носење странски туристи, државата треба да се грижи и да ги поттикнува инволвираните да привлечат колку што можат поголем број и домашни посетители.

– Не треба да целиме само кон носење странски туристи, иако во ниеден случај тие не смеат да се занемарат, бидејќи благодарение на нив имаме прилив на странски девизи. Но паралелно со поддршката и субвенциите за странците, треба да се поддржат и домашните туристи, бидејќи преку поттикнување на домашниот туризам се придонесува за поголема лична потрошувачка, што влијае и врз економскиот раст – вели професорот Стојан Велкоски, од Факултетот за туризам во Охрид.
Тој додава дека во рамките на своите активности направил истражување, кое покажало дека развојот на домашниот туризам позитивно влијае врз севкупната економија.

– Како што се поставени состојбите сега, значењето на домашниот туризам е малку запоставено. Неопходно е да се поттикнат и луѓето во својата земја да патуваат, да посетуваат локалитети во близината или пак подалеку. Општиот разум вели дека ако некој седи дома ќе направи помал трошок, но ако излезе барем на еднодневна прошетка, тогаш ќе купи повеќе продукти, со што на некој начин ја поддржуваат домашната економија. Уште поголем е придонесот кога се посетуваат градовите низ земјата и кога се престојува на неколку дена. Државата, според мене, треба да воведе субвенции за домашни туристи исто како што практикува за странските – додава Велкоски.

Професорот Велковски истакнува дека со субвенции за домашните туристи уште повеќе ќе заживее туризмот, но додава дека во интерес за развојот на оваа гранка е вложувањето и во инфраструктура, подобрување на патната мрежа низ државата, паралелно со развојот на авионските летови, кои овозможуваат побрз пристап за странските туристи, но и подобри патишта за домашните туристи или за повеќе прошетки на странците.
– Точно е дека од година на година расте бројот на странски туристи, се гледа и од посетеноста и од договорите. Ова значи дека добро се продаваме кај странците, а мора да истакнам дека имаме раст и кај домашните гости, но не толку голем – вели Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ).

Тој истакна дека за понатамошен раст на бројот на туристите, но и на ноќевањата во земјава, државата може да придонесе со вложување во инфраструктурата или, пак, со урбанистичките решенија, со насоки каде и како ќе се развива туризмот.
– Државата или општините со носење детални урбанистички планови, даваат насоки каде може да се гради, создаваат поволен амбиент преку уредување на крајбрежјето. Притоа не мислам само на изградба на згради, туку на убаво уредено крајбрежје со простор за прошетки, рекреации, но и уредување на планинските туристички локалитети, бидејќи денешните туристи не се сконцентрирани само на една форма, туку сакаат да посетат повеќе различни дестинации, и плажа, и планина и локалитет. А за сето тоа да можат да го направат им требаат средени патишта, пристап до локацијата – појаснува Блажевски.
Според него, треба да се инвестира во целата патна мрежа, не само во автопатишта туку и во регионални патни правци. Уште еден начин да се поттикне туризмот, според Блажевски, е со организирање манифестации, меѓународни конгреси, симпозиуми, со развој на медицинскиот туризам…

Од Министерството за економија посочуваат дека во континуитет спроведуваат мерки за подобрување на туристичката понуда, како за домашни така и за странски туристи.
– Мора да нагласиме дека трета година во низа министерството спроведува програма за директна поддршка на домашен туризам преку издавање потврди за работници со ниски приходи во вредност од 15.000 денари, со намера истите тие да се користат во туристичките центри во Република Северна Македонија. Оваа мерка ги даде очекуваните резултати и мислиме дека успеавме бројот на домашни туристи да го зголемиме, имајќи предвид дека пред тоа имавме намален број домашни туристи – велат од министерството.

Од министерството додаваат дека во рамките на програмите за развој на туризмот, во последните 2 години, имаат поддржано 17 општини од сите региони за изработка на локални стратегии за туризам, за дефинирање на туристичките производи и поголема промоција на истите тие. Додаваат дека и во иднина ќе работат на подобрување на туристичката понуда, и заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе ги интензивираат рекламите и кампањите за поголема промоција.


Бројот на туристите пораснал во 2019 година

Бројот на туристите во декември 2019 година изнесува 61.468, а бројот на ноќевањата изнесува 119.412, објави Државниот завод за статистика. Анализите покажале дека бројот на туристите во декември 2019 година, во однос на истиот месец претходната година, пораснал за 8,7 отсто. Притоа бројот на домашни туристи е зголемен за 1,7 процент, а бројот на странски туристи за 12,6 отсто.
Во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 5,1 отсто, при што кај домашните туристи има зголемување за 1,9 процент, а кај странските има зголемување за 7,1 отсто.