Фото: Игор Бансколиев

Македонското земјоделско производство за време на пандемијата

Македонското земјоделство во годинава што изминува, покрај вообичаените тешкотии, беше тешко погодено и од проблемите со пазарните и транспортните ограничувања, како и со недостигот од работници предизвикани од мерките за сузбивањето на пандемијата на коронавирусот. Неизвесноста предизвикана од здравствено-економската криза продолжува, а во меѓувреме, како што предупредуваат експертите, треба да се обезбеди континуитет во снабдувањето на пазарот со прехранбените производи, поради што, според нив, инвестирањето во оваа стопанска гранка може да биде еднакво на инвестирање во заштита од идни пандемии. Тие велат дека пандемијата покажа дека синџирот на обезбедувањето храна за населението е од национална важност за секоја земја. Оние земји што произведуваат доволно храна ќе можат сериозно да се справат со ваквите предизвици, застојот на економијата, затворените граници и со зависноста од домашното производство од увозот и од резервите. Оние земји, пак, чие домашно производство на храна е недоволно и кои зависат од увозот, ќе претрпат огромни загуби, но и ќе се соочат со недостиг од храна и со нарушеното здравје на населението на подолг рок.
Професорот Саша Митрев од Земјоделскиот факултет во Штип смета дека условите за живот на сите нивоа што се поставени за време на корона-кризата ќе создадат нови животни навики, но и економски политики.

– Светот повеќе нема да биде ист, вклучувајќи го и синџирот за производство на храна, почнувајќи од производствените површини до супермаркетите и пазарите на отворено, како последна алка во тој синџир. Колку побрзо и попаметно се приспособи земјоделството на новите правила, толку поуспешно ќе се справи и со последиците од пандемијата – вели Митрев.
Тој појаснува дека земјоделското производство во иднина, независно од развојот на ситуацијата, мора да се приспособува на новите услови на стопанисување, односно да се локализира.
– Мора да се потпира на локалните ресурси како употреба на автохтони сорти, развој на производство на минерални и органски ѓубрива, средства за заштита и други репроматеријали потребни во земјоделското производство – додава Митрев.
Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, производството и консумацијата на локално произведена храна добива на значење во услови на пандемија поради ограничената комуникација и транспорт.
– Затворањето на границите поради пандемијава создаде големи ограничувања во транспортот, со што се ограничи и движењето на пласманот. Во овие моменти очигледна е важноста на земјоделските производители, без разлика на нивната големина, и на самостојноста на една земја да произведува доволно квалитетна храна за задоволување на потребите на своето населениe – појаснува Станковски.
Во делот на земјоделството кај развиените држави, споменува тој, се појави едно предупредување дека вакви кризи, како оваа предизвикана од ковид-19, се можни многу почесто, па затоа тие почнале да се ориентираат кон своето производство и го стопираат извозот.

– Сметам дека сме должни и дека мораме и ние да се насочиме кон сето тоа, за да можеме да се заштитиме во вакви кризи. Земјоделството ќе биде погодено пред сѐ од затворањето, или отежнатото одвивање на транспортот по коридорите, со што ќе биде отежнат пласманот на производите, особено оние што се со краток рок на употреба и кои имаат сезонски карактер – смета Станковски.
Тој вели дека покрај ковид-19, оваа година ниту временските услови не беа погодни за некои земјоделски гранки, што претставувало шок за растенијата и неправилен и задоцнет развој, па дополнително и поради тоа некои од земјоделските производи имаат многу висока цена.
Од Националната федерација на фармери (НФФ) потврдуваат дека кризата сериозно влијае на земјоделството и на производство на храна во многу аспекти.
– Се забележува намалено производство на одредени земјоделски култури. Синџирите за снабдување со храна се веќе нарушени. Забележливо е влијание врз секторот сточарство. Ограничувањата на транспортот и мерките за карантин влијаеја врз оваа гранка. Потоа, тука се и ограничувањата на пазарите и на другите точки за директен пласман на производите, како и недостигот од работната сила, особено од сезонски карактер. Сето тоа ги наруши производството и преработката на храна, особено за потешките земјоделските култури, а нарушените синџири за снабдување со храна ќе резултираат во зголемено ниво на загуба на храна – објаснуваат од НФФ.

Оттаму додаваат дека огромни количества нафта се користат како суровина и енергија во сите фази на производството на храна, од садење, наводнување, прихрана и берба, до процесирање, дистрибуција и пакување, но и за производството и набавка на инпути во земјоделството како ѓубрива и пестициди. Затоа, цената на нафтата има големо значење.
– Во услови на корона-криза, Светската организација за храна и земјоделство на ООН, ФАО, излезе со три клучни препораки за поддршка на малите производители, земјоделци што претставуваат мерки за итна поддршка, обезбедување сигурна мрежа на продажба, намалување на вишокот производи преку складирање и преработка и отстранување на ограничувањата во домашната трговија. Иако Владата презеде голем дел мерки за поддршка, сепак таа не посвети доволно време и не понуди креативност да излезе со едноставни модели за пласирање на вишоците на производство со ниска откупна цена и да овозможи земјоделските производи да завршат во банки за храна и како поддршка на социјалниот сектор наместо да бидат истурени на патишта и ливади – велат од НФФ.

Оттаму истакнуваат дека понатаму, наместо загуби во делот на извозот и пласманот на јагнето, гоење на јагнето и непланско зголемување на стадото, можеше да се обезбеди сигурен откуп од државата и пласман по повластени цени или социјални пакети. Во вонредната состојба, кога Владата носи уредби со законска сила, можеше многу лесно да се отстранат некои од ограничувањата за пуштање во промет на стока од малите производители директно и да се зголеми нивната пенетрација на домашниот пазар.
– Ова повторно нѐ доведува до прашањето до кога штетите ќе ги дуплираме, а загубите ќе одат во недоглед поради неорганизираност, несоодветност на мерките и политиките за поддршка и речиси непостојниот систем на поддршка и контрола – истакнуваат од НФФ.