Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хотелиерите во земјава манифестираат стравувања дека ќе мораат да ги затворат своите објекти, па дури и дека ќе им бидат активирани хипотеките, додека упатените изразуваат загриженост што туристичкиот сектор, и покрај разните форми на стимулација и помош добиени од државата, не успеал да развие отпорност на кризи и да ја наметне Македонија како одржлива туристичка дестинација

ПО ОЦЕНИТЕ ЗА УШТЕ ЕДНА ПРОПУШТЕНА СЕЗОНА

По информациите за откажувањето на аранжманите од страна на агенциите што во изминативе години носеа странски туристи во Македонија, како и забележителниот одлив на домашните туристи во летувалиштата низ соседните земји, хотелиерите во земјава манифестираат стравувања дека ќе мораат да ги затворат своите објекти, па дури и дека ќе им бидат активирани хипотеките, додека упатените изразуваат загриженост што туристичкиот сектор, и покрај разните форми на стимулација и помош добиени од државата, не успеал да развие отпорност на кризи и да ја наметне Македонија како одржлива туристичка дестинација.

Странци ќе има, но во значително помал број

– Факт е дека има откажување на дел од најавените тури, но вакви појави има насекаде во светот, не само во Македонија, што секако се должи на пандемијата, која никако да заврши. Иако дел од авионските линии веќе се откажани, сепак, во следниов период имаме најави дека повторно ќе летаат авионите од Холандија кон Македонија и дека ќе имаме холандски туристи. Но најавените летови и посети се многу помалку во споредба со годините пред пандемијата. Пред да започне пандемијата имавме околу 25 илјади туристи само од Холандија, во периодот од мај до октомври. Оваа година пристигнувањата ги очекуваме во следниот период, со по два авиона неделно, но очекуваните посети се многу помалку отколку пред пандемијата – вели Крсте Блажевски, претседател на здружението на хотели ХОТАМ.
Блажевски укажува дека се повторува уште една слаба сезона, но вели дека стравува оти може да биде и уште послаба, бидејќи бројот на странски туристи е многу мал, а нема основа да се очекува значително подобрување во следниов период.

Пополнетоста на хотелите во Охридско-струшкиот
Регион периодов од 10 до 30 отсто

Според него, ваучерите за домашните туристи се промашен проект бидејќи вкупната сума е многу мала и прашање е дали ќе се искористи истата таа. Дополнително, Блажевски смета дека сумата е прениска за да им помогне на хотелиерите да ги покријат своите трошоци.
– Посетеноста на хотелите во Охридско-струшкиот Регион периодов се движи од 10 до 30 отсто од расположливите капацитети, што е многу малку во споредба со минатите години. Поголемите хотели, кои имаат сали за организирање свадби, можеби со организирањето свадби или други свеченостите ќе успеат да направат некаква заработка и да покријат дел од трошоците, особено за кредитите што ги земаа за покривање на трошоците минатата година.
Се надеваме на помош што ќе биде исто распределена меѓу хотелиерите и без обврска за зачувување на бројот на вработени на исто ниво како во август. Не очекувам голем прилив од домашни туристи бидејќи границите се отворени, па нашите одат во странство, во соседството на море – дополнува Блажевски.

Лекот се бара во нови задолжувања

Тој посочува дека и покрај помошта што ја добиле хотелиерите минатата година за исплата на платите на вработените, која била од голема помош за зачувување на работниците, сепак, хотелите имале трошоци поради кои користеле кредити, чие враќање сега им претставува дополнителен трошок.
– Бидејќи минатата година сите работеа со загуби, а и оваа година ќе биде исто, се работи со загуби, има опасност некои од хотелите да ги затворат капацитетите целосно и да чекаат подобри времиња. Предлагаме до надлежните да ги разгледаат и прифатат нашите барања за одложување на кредитите на неколку години, додека се надмине кризата, пандемијата, па штом ситуацијата се стабилизира да почне отплатата. Не очекуваме да биде лесно, никогаш работењето во хотелите не било лесно, помошта што ја добиваме не е доволна, но разбираме дека толкави се можностите, но сега ќе биде потребна силна инјекција за да преживее секторот, кој има голем потенцијал за внесување девизи – потенцира Блажевски.

Се потфрлило и со понудата

Податоците што ги објави Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот покажуваат дека поради пандемијата Македонија изгубила над 140 милиони долари прилив од странски туристи. Годинашниот извештај на АППТ покажува дека минатата година во земјава влегле 252,05 милиони долари, додека во 2019 приливот изнесувал 395,92 милиони долари.
– Во првиот квартал на 2020-та девизниот прилив од туризам бележи раст од 0,74 отсто, но по почетокот на ширењето на кризата со ковид-19 во РСМ следните три квартали во 2020-та имаме пад на девизниот прилив од туризам споредбено со 2019-та. Вкупниот девизен прилив во 2020-та изнесува 252,05 милиони долари и споредбено со 2019-та имаме пад од -36,34 проценти поради ковид-кризата и затворените граници – пишува во извештајот на АППТ.
Инволвираните објаснуваат дека, покрај проблемите предизвикани од пандемијата, годинава се потфрлило и со понудата.

– Не се направи голем исчекор во понудите за да се привлечат туристите да дојдат, требаше да се промовира безбедниот туризам, да се скратат бирократските процедури за носење туристи, да се поедностават правилата… Доколку се спроведеа мерките што ги предлагавме, ќе имавме повеќе странски туристи, но и домашни, кои требаше да ги привлечеме во ниска сезона, односно во месеците мај, јуни, септември… Сега е предоцна да се направи нешто за оваа сезона, но потребно е сериозно да се подготвуваме за следната година и да се подготвиме за привлекување туристи преку промоција и помасовен маркетинг, при што во промоцијата може и државата да учествува со 50 отсто од трошоците. Ни треба појака дигитална офанзива, промена на субвенциите, промоција на методот за безбедно патување и навреме да се подготвиме за следната сезона. Вообичаено на крајот на август се прави сево ова за следната година. Со странските туроператори однапред се планираат аранжманите најмалку една година – објаснува Асим Меџедовиќ, директор на една од овдешните туристички агенции и потпретседател во Комората за туризам.