Фото: Игор Бансколиев

Низ историјата многу земји поминаа низ период на помала или поголема инволвираност на државата во економскиот живот. Периодот на пандемијата, односно кризата, повторно го реанимира ова прашање, како и начинот, интензитетот и евентуалните бенефиции од тоа за самите граѓани. Сѐ уште се свежи примерите кога во раните 80-ти години од минатиот милениум, во многу земји низ светот се појави (тогаш ново) движење, чија цел беше да го потисне државното влијание и да се создаде поголема слобода за пазарната економија.

Ера на реформи со потиснување на државното влијание: 1980 – 2000

Оваа ера на реформи опфати клучни светски држави со потиснување на државното влијание и создавање поголема слобода за пазарната економија:
– Во Кина, Денг Ксијаопинг промовира програма за економски реформи на слободниот пазар и воведе права на приватна сопственост. Резултат: процентот на кинеско население што живее во екстремна сиромаштија падна од 88 отсто во 1981 година на помалку од 1 отсто денес.
– Во Велика Британија, која во 1970-тите беше нарекувана „болниот човек на Европа“, Маргарет Тачер ја спроведе приватизацијата и ги намали даноците. Тоа се случи во 1979 г., а резултира со создавање нови компании и работни места, како и со подем на британската економија.
– Во САД, Роналд Реган спроведе цела серија економски реформи на слободниот пазар (1981-1989), намалувајќи ги невработеноста и инфлацијата и осетно подобрувајќи ја економската ситуација во американските домаќинства.
– Во 1990-тите, Шведска ги намали даноците и го дерегулира пазарот на трудот, елиминирајќи го така вишокот на трошоци во сферата на социјалната помош. Ова беше отскочна даска за голем позитивен економски пресврт.
– Во Германија, пакетот на канцеларот Герхард Шредер за коренити социјални реформи – економска обнова, кратење на даноците и реструктурирање на пазарот на трудот – наречен „Агенда 2010“, беше имплементиран во раните 2000-ти. Реформите ја преполовија невработеноста и поставија темели за долгорочниот економски подем.

Дали денес е потребно државата повторно да земе поактивна улога

Денес ситуацијата низ светот се одвива малку поинаку од тогаш.
– Во Кина зајакнаа групациите што ставаат поголем акцент на улогата на државата.
– Во Соединетите Американски Држави, претседателот Доналд Трамп ги намали даноците и спроведе дерегулација во некои области, но во исто време тој продолжува со протекционистички политики, кои, како што милуваат да кажат глобалистите, неговите политики „ги загрозуваат придобивките постигнати со глобализацијата“.
– Во Германија не се спроведени никакви економски реформи на слободниот пазар уште од времето на Шредер. Во суштина, Германија направи чекор наназад кон некои од своите лоши поранешни политики. Голем број реформи на Шредер беа анулирани, а многу економски сектори – особено енергетската, градежната и автомобилската индустрија – се оптоваруваат со сѐ поригорозни државни интервенции, прописи и регулативи.
– Во Франција, Емануел Макрон најави програма што содржи клучни реформи, вклучувајќи и драстични промени на пазарот на трудот, но тогаш наиде на огромен отпор од страна на работничките синдикати и не успеа да ја наметне својата визија пред ригидноста на длабоко вкоренетиот државен централизам.

Со или без мешање на државата во економскиот живот

Домашните економисти посочуваат дека чистиот концепт на слободна пазарна економија сѐ повеќе е непродуктивен и дека речиси сите држави во светот преземаат разни мерки или пакет мерки во насока на стимулирање на економијата.
Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент посочува дека од низа причини се напушта чисто либерално толкување на економијата, односно „да се остави пазарот да ги уреди односите“.
– Не постои земја што не применува мерки за да се стабилизира или да се забрза економскиот раст. Како пример ќе ја посочиме кризата во 2008 година, кога американската економија, која е пример за либерална економија, се соочи и практикуваше големи државни интервенции во економскиот амбиент. Не постои држава што не применува или не практикува мерки со кои влијае врз економијата за да ги ублажи дисторзиите или да ги постигне посакуваните цели во економскиот амбиент. Имајќи ги предвид случувањата со коронавирусот, речиси не постои држава во светот што нема примена на одреден сет мерки, повеќето земји применуваат слични концепти, користат слични мерки за да се динамизира економската активност, како зајакнување на личната и јавната потрошувачката за раст на побарувачка, оти недостигот од потрошувачката се пресликува и во појава на рецесиски движења во економијата – појаснува Ивановски.

Според него, доколку нема интервенции, многу потешко ќе се надминуваат кризите, особено сега, со корона-кризата, кога за рестарт е потребна помош. Професорот истакнува дека друго прашање е какви економски стимули се применуваат, за што е потребно следење на ситуацијата, да се видат ефектите од мерките, па воведување нови мерки.
– Во секој случај мерките се нужно зло, без нив не се може, јасно е дека каде што има интервенции се појавува страв од субјективизам, од разни дискрециски одлуки на владата, но без нив не се може. Посебно прашање што се наметнува во след на случувањата е колкав е прагот на издржливоста, односно на задолженоста. Македонија веќе доаѓа до лимитот, што е дополнителен проблем. Затоа државите треба да внимаваат на задолженоста, бидејќи баш во вакви моменти е најоправдано да се задолжуваат и да ги користат фискалните стимули за забрзување на економијата – истакнува Ивановски.
Неговиот колега, професорот Здравко Савески посочува дека нeолибeралната eкономска парадигма, која e доминантна во свeтот послeднитe 40 години, нe испорачува рeзултати и додава дека eкономиитe станале поранливи на кризи, богатството сe концeнтрира кај тeсeн круг луѓe, а државитe сѐ повeќe ја губат својата корeктивна улога во однос на најлошитe eфeкти на капитализмот, бидeјќи доминантната идeологија од нив барашe да ја свeдат својата улога во eкономијата на минимум.

– И оваа криза и кризата од 2008 покажаа дeка ваквата минималистичка улога на државата e штeтна во услови на криза и дeка барeм во услови на криза е нeизбeжно вмeшувањeто на државата. Крајно врeмe e да сe ослободимe од пазарниот фундамeнтализам, од рeлигиското поклоништво кон т.н. слободeн пазар. Државата мора да располага со финансиска моќ да им помогнe на послабитe члeнови на општeството и таа финансиска моќ трeба да ја стeкнe нe прeку задолжувањe и идно прeфрлањe на товарот врз обичниот народ, туку прeку промeна на даночната политика и спрeчувањe богатството да сe концeнтрира во мал број рацe, со нeгативни рeзултати како на eкономски, така и на политички план – посочува Савески.