Фото: Дарко Андоновски

Тимско новинарско истражување на 19 европски медиуми

Банките и инвеститорите користеле вешти даночни зафати, за да ги лишат европските буџети за значително поголем износ на даночни приходи одошто се проценуваше досега, покажа истражувањето на 19 истакнати европски медиуми

Благодарение на сложени трансакции на акции, европските буџети од 2001 досега останаа без дури 55 милијарди евра даночни приходи. Првпат ваквите даночни маневри беа откриени во Германија во 2012 година и беа наречени манипулации. Најновите истражувања покажуваат дека Германија не е единствената земја каде што банките и инвеститорите користеле сомнителни методи за да се избегнат даноците, туку тоа се случувало и во Франција, Шпанија, Италија, Холандија, Данска, Белгија, Австрија, Финска, Норвешка и во Швајцарија.
 
Колку манипулации се кријат во легалните т.н. кам-кам трансакции?
 
Најголемиот износ на загубени буџетски приходи, дури 46 милијарди евра, бил „скриен“ од даночниците по пат на технички легалните кам-кам трансакции, кои се базираат на различниот третман на домашните и странските акционери. Во тие трансакции, странските инвеститори привремено ѝ ги продаваат своите акции на банката со седиште во матичната земја на компанијата, само еден ден пред исплата на дивидендата. Тоа им овозможува да избегнат поголем данок на дивиденда, кој инаку го плаќаат странските инвеститори. Набргу потоа повторно ги откупуваат од банката. 
Поради ваквите трансакции, Германија остана без 24,6 милијарди евра даночни приходи, Франција без 17 милијарди, а Италија без 4,5 милијарди, покажува истражувањето што го спроведе интернетската платформа за истражувачко новинарство „Коректив“, во соработка со големи медиумски куќи, како францускиот „Ле монд“, германските „Ард“ и „Ди цајт“, меѓународната Ројтерс, данските ДР и „Политикен“, швајцарската „Република“ и белгискиот „Де тијд“.
 
Кам-екс трансакциите игра мижитатара со даночниците
 
Другиот вид трансакција, т.н. кам-екс, несомнено претставува измама и личи на играта криенка пред даночниците. Наводно ја смислил познатиот германски правник Хано Бергер, а вклучува повеќе инвеститори што меѓусебно купуваат и продаваат акции на компании неколку дена пред и по исплатата на дивиденди. Акциите ги менуваат сопствениците со таква брзина што даночните власти не успеваат да го идентификуваат вистинскиот сопственик. Инвеститорите остваруваат право на голем број даночни олеснувања на дивидендата и потоа меѓусебно си ја делат заработувачката – на сметка на буџетот.
 
Таквата практика ја чинеше Германија губење на 7,2 милијарди евра даночни приходи, Данска 1,7 милијарда, а Белгија 201 милион, утврдија новинарите истражувачи.
 
Дали кривичните истраги ќе им стават крај на даночните манипулации?
 
Од 2012 година, во Германија се поведени шест кривични истраги, вклучувајќи ја и онаа против Бергер и неколку трговци со акции, потсетува агенцијата Франс Прес. Норвешките даночни власти, во изјава за оваа агенција, рекоа дека во 2013 година откриле даночна измама во вредност од 580.000 норвешки круни (61.304 евра), како и дека по предупредувањето од Данска, спречиле уште неколку слични обиди. Во меѓувреме го засилиле надзорот и поради сопствените наоди.
 
Од друга страна, данските обвинители ја проучуваат практиката на оданочување дивиденди уште од 2015 година, обидувајќи се да утврдат „дали постои основа за поведување кривични постапки против инволвираните физички или правни лица“, изјави портпаролот Симон Госвиг.
 
По објавувањето на истражувањето, европскиот комесар за економски и финансиски прашања Пјер Московичи напиша на Твитер дека даночните власти на европските држави мора да разменуваат повеќе информации и да ја подобрат транспарентноста.

„Ако имагинацијата на измамниците не познава граници, истото тоа важи и за мојата решителност“, напиша Московичи на Твитер.

Фото: Дарко Андоновски