Фото: Игор Бансколиев

Учеството на Германија во извозот на Македонија е околу 50 отсто, што укажува на тоа дека динамиката на закрепнување на оваа земја битно ќе влијае на брзината и степенот на заздравување на македонската економија, посочуваат упатените

Пандемијата на коронавирусот негативно се одрази и врз стоковната размена со странство оваа година, во споредба со истиот период лани, така што има намалување за речиси 13 отсто. Особено е проблематичен падот на извозот што се рефлектира на македонските компании. Ширењето на вирусот го почувствуваа домашните компании од сите дејности, пред сѐ компаниите што соработуваат со Европската Унија, бидејќи пандемијата предизвика влошување на меѓународното опкружување и на надворешната побарувачка.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – октомври 2020 година, изнесува 287 милијарди денари и бележи пад од 12,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – октомври 2020 година, изнесува 376 милијарди денари, што е за 11,5 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Во овој период, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, нашата држава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и со Грција.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, вели дека, во овие услови, македонските фирми ќе треба да размислат како да ги освојат домашните потрошувачи, да ги зголемат производството, пакувањето и брендирањето за нивните производи да бидат подостапни и поблиски до европските стандарди.
– За да се надмине оваа состојба е потребна реорганизација, односно реструктурирање на производството, пакување, означување, информирање на и за производите и услугите и, секако, истражување и барање нови пазари.

Иако овој процес е долг, сепак значи промена и капацитет за долг рок. Особено сега кога има можности за финансиска поддршка и достапни информации – смета Бошков.
Тој, исто така, додава дека ќе мораме да се поврзуваме на домашниот пазар, на домашните потрошувачи и на домашните производствени капацитети и дека за реализација, државата, банките и менаџерите мора да обезбедат средства и полесни начини, што не мора да значи дека тие треба да бидат субвенционирани, туку поддржани и концептуално, и теоретски и практично со пари.
Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека од големо значење е закрепнувањето на економската состојба кај нашите најголеми надворешнотрговски партнери, пред сѐ Германија.
– Во периодот јануари – октомври 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција. Земјите од ЕУ се главен трговски партнер со учество од речиси 70 отсто од вкупната надворешна трговија на македонската економија. Учеството на Германија во извозот на Македонија е околу 50 отсто, што укажува на тоа дека динамиката на закрепнување на оваа земја битно ќе влијае на брзината и степенот на заздравување на македонската економија – посочуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека за зголемување на потенцијалот на домашните фирми, потребно е да се искористат искуствата од кризата во насока на нивното преструктурирање кон посовремени начини на работа.

– Тоа значи дигитализација, намалување на трошоците преку наоѓање нови партнери кај кои ќе се скратат транспортните и дистрибутивните трошоци, продолжување на зелените коридори, искористување на евентуалното преместување на странскиот капитал од далечните источни земји кон Европа, внесување на концептот на смарт-специјализација со кој се поддржуваат секторите и компаниите со поголема иновативност и повисок придонес кон БДП – истакнуваат од СКМ.
Надлежните од комората велат дека поддршката од Владата со добро целени мерки што ќе бидат соодветно финансиски и временски насочени кон определени сектори ќе помогне во зголемување на трговската размена.
– Значајно е имплементацијата на мерките да продолжи и во 2021 година, како и да се искористат искуствата од првиот пакет мерки за нивно подобро дизајнирање и таргетирање – истакнуваат од СКМ.
Според претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска, задржување на пласманот на производите и услугите на домашните извозно ориентирани претпријатија што имаат докажан квалитет во своето работење е од голема важност за поддршка на економски раст што го очекуваме со стабилизирање на состојбата по кризата.

– Поради пандемијата, евидентен е негативниот ефект врз побарувачката на пазарите во ЕУ, каде што се и нашите најголеми трговски партнери, а тоа се рефлектира и на работата на нашите производствени капацитети. И покрај кризата и отежнатото функционирање, намалената продажба и тешкотиите во производството и логистиката, голем дел од извозно ориентираните капацитети не ги затворија своите погони и континуирано работат. Она што е потребно во моментот е да не ги изгубат пласманите и да ги задржат воспоставените позиции – вели Арсовска.