Фото: Маја Јаневска-Илиева

Почеток на преговорите ќе значеше сигурност за започнување на имплементација на структурните реформи за обезбедување владеење на правото и справување со корупцијата, кои се важни за заштита на инвестициите и мотив за нови проекти, а по најавата за предвремени парламентарни избори, стравувањата се дека бизнис-секторот повторно ќе влезе во циклус на неизвесност и политички турбуленции, кои, секако, може негативно да се одразат врз економскиот раст, како врвен приоритет за граѓаните и државата

Македонската економија треба и понатаму да продолжи по истите патеки, а процесите, особено реформи, не смеат да запрат, и покрај тоа што повторно не добивме датум за почнување на преговорите за членство во Европската Унија и што се договорени предвремени парламентарни избори, согласни се претставници на бизнис-заедницата во земјава, истакнувајќи дека економијата не смее да биде заложник на политиката.

– Мораме да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум минатата недела. Македонија нема друга алтернатива, мора да продолжи да оди по европскиот пат. Поради тоа, повикувам сите политички чинители во државата да ги преземат сите дејства за доекипирање на тимовите што би учествувале во преговарачките процеси и да се анимираат сите експертски и професионални потенцијали, сите ресурси во општеството, и активно секојдневно да се продолжи работата за приближување кон европските вредности, традиции и принципи. Овие заеднички тимови мора да продолжат да работат непрекинато, без оглед на најавените избори, а ако сакаме воопшто и да помислиме на ЕУ, не смее ни да се помисли на што било друго освен спроведување на изборниот процес по највисоките европски принципи – нагласува првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Тој исто така истакна дека „ние сме дел од европското семејство и мора да продолжиме да се однесуваме така“.

Недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ ја наметна и одлуката за предвремени избори во земјава, што за бизнис-заедницата е дополнителен товар, бидејќи таа искрено се надеваше на почнување преговори за членството во Унијата.
– Вратата на Европската Унија за најавуваното проширување засега останува затворена, што значи враќање на старите предизвици. Почеток на преговорите ќе значеше сигурност за започнување имплементација на структурните реформи за обезбедување владеење на правото и справување со корупцијата, кои се важни за заштита на инвестициите и мотив за нови проекти. По најавата за предвремени парламентарни избори, приватниот сектор повторно ќе влезе во циклус на неизвесност и политички турбуленции, што ќе значи одложување на инвестициските активности и забавување на економијата – кажа Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.

Зоран Јовановски, главен советник за економски прашања на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, истакнува дека досега домашната бизнис-заедница преживеала доста турбулентни периоди, кои ги надминала и опстанала.
– Нашата бизнис-заедница во најголем дел го преживеа распадот на СФРЈ. Дотогашниот пазар од 20 милиони луѓе се сведе на пазар од 2 милиони. Со распадот беше напуштено и општественото уредување – социјализмот, и неподготвени загазивме во капитализмот. Сето ова личеше на неверојатен потфат. Во многу други земји бизнисмените немаше да се справат со овие драматични турбуленции. Преживеавме период на трицифрена инфлација и тотална непредвидливост што носи утрешниот ден. Бизнис-заедницата го преживеа периодот на затворена грчка граница. Тоа значеше недостапност до Солунското пристаниште, нашиот природен излез на море, витално важен за извоз и увоз на македонски производи. Оставени на удар на околностите, да се види, ќе преживееме како држава или не – истакнува Јовановски, наведувајќи уште неколку примери на издржливост и посочувајќи дека сегашната ситуација не е полоша од тоа што веќе го поминал бизнис-секторот.

Тој, исто така, истакна оти сега е клучно да продолжиме со работа, и тоа уште поинтензивно, и притоа да ги искористиме средствата од европските фондови, но и да ги подобриме економската дипломатија и образованиот процес.
– И со датум и без датум, треба да ги засукаме ракавите. Бизнисот бара предвидливост за да може да инвестира и да се отвораат нови работни места. Општеството е изморено од постојаната политичка битка. Потребно е максимално ангажирање на сите добронамерници што ги има земјава. Сто вистински луѓе на сто клучни места, и за пет години ќе има конкретни, опипливи ефекти. Да се направат сите милион потребни работи за да ѝ оди на македонската економија што подобро. Таа создава работни места и животен стандард. Конечно, кога самите ќе бидеме подобри, сите во светот ќе нѐ сакаат повеќе – заклучува Јовановски.