Дали ќе биде отворен рудникот „Иловица – Штука“ за бакар и злато е прашање што останува енигма за цела Македонија. Тоа вчера го потврди и министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека инвестицијата на компанијата „Еуромакс ресорсис“ ќе може да продолжи само доколку бидат исполнети сите стандарди за заштита на животната средина и доколку со тоа се согласат и граѓаните.

– Сѐ додека не сме сигурни дека „Иловица-Штука“ нема да ги исполни сите стандарди, особено за заштита на животната средина, нема да дозволиме да се случи инвестицијата. Ако се исполнат стандардите и доколку има согласност од граѓаните, инвестицијата ќе продолжи – истакна министерот Бектеши.

Во канадската компанија „Еуромакс ресорсис“, која ќе го гради и ќе стопанисува со овој рудник, остануваат на ставот дека во технолошкиот процес воопшто нема да користат цијанид и сулфурна киселина и напоменуваат дека со отстранувањето на цијанидот од процесот за обработка на рудата, примарниот производ на проектот „Иловица-Штука“ ќе биде само бакар, а не злато и бакар.

– Главниот процес на преработка на рудата е флотација, физички процес преку кој ќе се произведува бакарен концентрат и тој ќе биде транспортиран во топилница во Бугарија, каде што како продукт ќе се добие злато – објасни Борка Ковачевиќ, координаторка за прашања поврзани со земјиштето во „Еуромакс ресорсис“.

Во меѓувреме, во круговите на еколошките здруженија од Струмичко и понатаму расте револтот поради страв дека овој рудник ќе предизвика екогеноцид.

Според екоактивистот Крум Велков, доколку рудникот „Иловица-Штука“ биде отворен, тоа ќе значи тешко егзистенцијално загрозување на целата струмичка котлина, па и пошироко.

– Тоа е најголемиот рудник и најголема екобиолошка закана. Всушност, рудникот ќе предизвика екогеноцид, затоа што како загадувачка индустрија со чудовишни размери (браната на хидројаловиштето ќе биде највисока, 276 метри), овој рудник за бакар и злато ќе донесе енормно загадување од хемиски агенси, од кои повеќето се опасни по живот. Да ги спомнеме само талиумот, кадмиумот и арсенот, крал на отровите, кои со копањето ќе се ослободат како сулфати од почвата и потоа ќе се претворат во сулфурна киселина, смртоносна – истакна неодамна Велков за „Нова Македонија“.

Како што вели тој, рудникот ќе ги загади трите основни елементи – воздухот, водата и почвата, и тоа рапидно и за речиси пет години ќе почне многукратно да се зголемува бројот на заболени од канцерогени болести, ќе се раѓаат новороденчиња со ужасни деформитети.

– Можам да кажам дека доделувањето концесија за ваков рудник во Струмичко и воопшто доделувањето огромен број концесии исклучиво во источна Македонија е практично криминален чин против сопствениот народ – нагласува Велков.

Еден од крајните ефекти од работата на рудникот, според екоактивистот Велков, ќе биде масовно иселување на жителите од Струмичко.

Но, освен интересот на граѓаните, властите, како што и сами признаваат, треба да го следат и интересот на државата.

– Како министерство и влада во неколку наврати сме кажале дека ќе го слушаме гласот на народот за рудниците. Денес, заедно со премиерот Заев, ќе имаме состаноци со граѓаните на струмичките села, на кои отворено ќе разговараме за тоа што како влада ќе предложиме и каков е интересот на граѓаните. Ќе го презентираме и интересот на државата, имајќи предвид дека за рудникот „Иловица“ е планирано да бидат инвестирани над 350 милиони евра – објасни вчера министерот Бектеши.

Тој посочи дека и во иднина ќе имаат состаноци со сите засегнати страни за да се најде решение што ќе биде во интерес на сите.