Фото: Игор Бансколиев

Тешкотиите на младите да преминат брзо од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува помеѓу вештините што ги имаат тие и оние што ги бара работното место

Длабоката стапка на невработеност на младото работоспособно население е една од клучните причини зошто тие решението за егзистенција го бараат напуштајќи ја Македонија. Според новиот извештај на Светска банка „Трендови на пазарот на трудот на Западен Балкан“, младинската невработеност се намалила во сите балкански земји, освен во Македонија и во Косово. Во Косово таа пораснала за 4,2 отсто и изнесува 54,9 отсто, а во Македонија за 0,5 отсто или до високи 47,6 отсто. Извештајот покажува дека скоро секој трет млад човек во Македонија работи во сивата економија. Според Светска банка, младите луѓе од нашата држава во иднина дополнително ќе потонат во сиромаштија.

Прашањето е дали општествената вклученост почнува со образованието, колку бизнис-заедницата го прифаќа младиот кадар, која е причината за одливот на млади мозоци, колку значат дополнителната и практичната работа.

Универзитетски професор Марјан Петрески смета дека невработеноста на младите е постојан проблем во Македонија.

– Младите сѐ уште остануваат најизложената категорија на невработеност. Исто така, висока е и стапката на оние млади што не се вработени, а не си ниту во образованието или во каков било вид обука. Тешкотиите на младите да преминат брзо од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува во вештините што ги имаат тие и оние што ги бара работното место – објаснува Петрески.

Често овој јаз е толку голем, вели тој, што работодавците претпочитаат работници со некакво искуство, за да го намалат трошокот за интеграција на тој работник со работните задачи.

– Вториот важен елемент се високите очекувања што младите ги генерираат по завршувањето на школувањето. Тие често очекуваат идеална работа, со висока плата, и многу почесто фокусот го ставаат на дипломата, наместо на вештините што ги поседуваат. Секако, проблемот на платата е општ проблем на пазарот на трудот, особено во услови кога младите лесно добиваат информација за платите на странските пазари на трудот, и тоа дополнително ја поттикнува нивната желба за емигрирање – истакна Петрески.

Решението, според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, е во итни реформи во образовниот систем во насока на надминување на популистичките мерки за форсирање по секоја цена на високото образование и создавање квалификувани работници по мера на реалниот сектор.

– На компаниите најмногу им недостигаат кадри со средно стручно образование, кои ќе можат веднаш да се вклучат во работниот процес. Бараат текстилци, кожари, металски работници, готвачи, но и општи работници во земјоделството. Дефицитарни се и многу високообразовани кадри, како технолози, физичари, математичари. Форсирањето на високото образование, особено на непродуктивните насоки, е цената што ја плаќаат многу компании што не можат да обезбедат квалификуван кадар за своите потреби – нагласува Димитров.

Тој додава дека расчекорот на пазарот на трудот многу ја чини земјата, тоа се гледа не само според БДП, туку и во одливот на младите.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека целиот процес на намалување на невработеноста мора да започне порано, со унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование.

– Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и спроведат и практично, преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот. Сето тоа би значело и наш конкретен придонес во усогласувањето на наставните програми со потребите на бизнисот, што ќе има директни импликации и врз намалувањето на стапката на невработеност. Имено, факт е дека во земјите каде што функционира системот на дуално образование, стапката на невработеност е помала од 10 отсто – истакна Азески.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]