Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Превозниците со помош на ИТ-апликација ќе можат да пријавуваат мито, корупција, застои и криминални дејства на граничните премини, од класичен шверц до шверцување мигранти. Притоа ќе останат анонимни и нивниот интегритет ќе биде заштитен.

Ова го предвидува меморандумот за соработка што вчера го потпишаа владиниот Национален координативен центар за гранично управување и асоцијацијата на превозници „Макамтранс“.

Целта на меморандумот, како што беше речено пред потпишувањето, не е само унапредување на прекуграничното управување, туку и борба со организираниот криминал и корупција.

Информациите за какви било законски недоследности на граничните премини, но и транспортните коридори што ќе ги пријавуваат превозниците, ќе стигнуваат директно до надлежните институции и до органите за спроведување на законите.

– Да ја искористиме оваа можност за соработка за што владините институции се подготвени целосно да застанат зад превозниците. Очекуваме нашето партнерство не само да го унапреди прекуграничното управување, туку и да ги намали прекуграничниот криминал и корупција – истакна Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, меморандумот всушност ќе биде аларм за преземање мерки во вистинско време, ќе овозможи потесна и кооперативна ефективна соработка за поквалитетна гранична безбедност и проток на стоки и ќе овозможи детектирање и анулирање на сите пречки за безбеден и слободен граничен транспорт.

Во земјава 96 проценти од производството се увезува и извезува преку користење транспорт по патиштата.