Наместо да работат како подизведувачи во други фирми или да бараат вработување во некоја компанија, потребно е младите ИТ-инженери да ги реализираат своите идеи и да креираат сопствени производи, порачува Здружението на студенти по електротехника.

Здружението вчера на конференција во Стопанската комора на Македонија го најави натпреварот „Коуд ап, левел ап“, чија цел е токму претприемаштвото. Натпреварот ќе се одржува од 15 до 21 април годинава, а рокот за пријавување на учесниците е 25 март.

– Претприемаштвото е она кон што младите веќе треба да се вртат. На техничкиот кампус годишно завршуваат по 300 студенти, а според податоците на МАСИТ, во текот на годината се регистрираат над 400 ИТ-компании. Тоа значи дека перманентно имаме недостиг од кадар, а и оној што е на располагање, во големиот дел од случаите, за жал, работи аутсорсинг или подизведувач за други фирми – истакна претседателот на здружението, Илија Лалковски.

Според него, македонските стартапи треба да знаат дека мора да се насочат кон создавање сопствени продукти. Само така можеме да градиме додадена вредност.
– Информатичките науки се одлична шанса за младите. Дефинитивно ИТ е една од најбрзорастечките индустрии во земјава, а платите се секогаш компетитивни и се зголемуваат. Стануваме еден од стартап-центрите во Европа, но тоа мора да се развива и надградува – додаде Стефан Митески, член на Здружението на студенти по електротехника.

„Коуд ап, левел ап“ ќе биде проследен со работилници и предавања, а тимот на ментори, истакна Митески, е врвен. Најавено е учество и на странски предавачи, кои всушност ќе бидат обучувачи за оние со првични бизнис-идеи. Засега се заинтересирани над десетици тимови, но само осум ќе може да се пријават. Е.Р.