Забавувањето на растот на БДП нема да ги избегне земјите во еврозоната, сепак најслаб раст оваа година ќе има Италија. Покрај тоа, земјата веќе има голем јавен долг, кој опфаќа 130 отсто од БДП, и е најголем во ЕУ, по Грција

Откако централната банка на Италија предупреди на загрижувачки развој на настаните во земјата, сега со слично предупредување излезе и Меѓународниот монетарен фонд, намалувајќи ги процените за раст на бруто-домашниот производ за оваа година од 1 отсто на 0,6 отсто. Новите тензии со Европската комисија поради буџетот, објаснува ММФ, би можеле да имаат негативни последици врз „економијата на земјата, цената на задолжувањето и на банкарскиот систем“.

– Разликата во приносите е намалена во споредба со рекордното ниво во октомври и ноември, но сѐ уште е висока. Продолжувањето на периодот на повисоките приноси ќе создаде дополнителен стрес врз банките во Италија, а со тоа ќе забави економска активност и ќе се влоши долгот – истакнаа од ММФ.

Иако забавувањето на растот нема да ги избегне ниту другите земји во еврозоната, па дури и најголемата, односно германска економија, сепак најслаб раст на БДП оваа година ќе има Италија.

Покрај тоа, земјата веќе има голем јавен долг, кој опфаќа 130 отсто од БДП, и е најголем во Европската Унија по Грција. Дополнително, има и слаб финансиски систем.
Во својот најнов билтен, Централната банка на Италија, наведува дека БДП на крајот на минатата година дополнително се намалил во однос на претходните три месеци, кога изнесувал минус 0,1 проценти.

Сето ова, на некој начин сигнализира дека Италија, технички, веројатно веќе е влезена во рецесија.

За оваа година најмногу се намалени очекувањата за раст на инвестициите, и тоа од 2,1 на 0,6 отсто, како и на личната потрошувачка.

Меѓутоа, вицепремиерот на Италија, Луиџи ди Мајо, од популистичкото движење „Петте ѕвезди“ ја критикуваше Централната банка, наведувајќи дека таа често греши, а како индикатор исто така го посочи и времето на објавување на самиот извештај.
Европската комисија, исто така, очекува Италија оваа година да има најбавен раст меѓу земјите од еврозоната.

И покрај договорот постигнат во декември за помал износ на буџетскиот дефицит, популистичката влада не се откажува од желбата за зајакнување на економскиот раст со поширока фискална политика.

Поради овие причини останува загриженоста и во следниве две години, а прашањето е дали Италија уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата, и тоа не само за себе, туку и за целата еврозона.

Според најавите, во април, Италија ќе објави програма за стабилизација, која се очекува со посебно внимание. Од друга страна, ако Италија падне во рецесија, ќе биде многу тешко да се исполнат ветувањата дадени на Европската комисија, а банките, кои сè уште не се целосно закрепнати од лошите кредити од претходната рецесија, исто така, ќе се најдат во многу несреќна ситуација.

Некои од италијанските банки веќе се соочија со финансиски тешкотии на пазарот и очекуваат Европската централна банка да им помогне да обезбедат околу 55 милијарди евра, колку што ќе им бидат потребни за оваа година.

Како што пишува „Ројтерс“, само големите банки, како Уни кредит и Интеса Санпаоло, можат да позајмуваат на пазарот без колатерали или да издаваат необезбедени обврзници. Сепак, тие исто така плаќаат висока цена на политичка несигурност.

Така на пример, Уни кредит во текот на изминатата година издаде обврзници по третпат, но последниот по поскапи цени. Во споредба со референтните хартии од вредност, овој пат за тоа мораше да плати 360 базични поени повеќе, што беше подобро отколку во декември кога плати 420, но многу далеку од поволните 70 базични поени платени пред една година.