Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ, се сретна со раководството на италијанската индустриска групација „Витило“, сопственикот и управител Антонио Витило и Чиријако Ло Конте, директор на „Витек Македонија“.

На средбата е објавено дека странскиот инвеститор, којшто е присутен во нашата држава од 2011 година, одлучил да инвестира нови 10 милиони евра во земјава, во рамки на третата фаза од планираната инвестиција, што е речиси стопроцентно зголемување на досегашните инвестиции од над 11 милиони евра, реализирани во првата и втората фаза.

На состанокот е изразено задоволство од страна на инвеститорите за нивната работа во нашата држава и е информирано дека веќе постојат побарувања на пазарот за нивните производи и дејност.

Претставниците на италијанска групација „Витило“, позната во автомобилската индустрија, како што беше соопштено, ќе инвестираат во градење и во нови машини за потребите на автомобилската индустрија и на други индустрии, а производството од нашата земја е наменето за цела Европа, земјите на Заливот и САД. При тоа е планирано зголемување на работните места за една третина од постоечкиот број вработени, кои, според соопштените информации земаат натпросечна плата во државава и на кои, минатата година, во време на пандемија, им биле зголемени платите за 16 проценти.

Заев ја поздрави новата инвестиција, за којашто изрази очекување за скорешно, официјално потпишување на договорот за инвестицијата.

– Ние сме цврсто фокусирани кон отворањето нови работни места, раст на економијата. Се покажавме како пријателска држава во регионот, којашто генерира политики на пријателство и веруваме дека тоа влијае на интересот за инвестирање овде. Нé радува вашата одлука за новата инвестиција и во Република Северна Македонија и вие гледајте голем пријател и можности за соработка на принципиелно ниво – рече Заев.

На состанокот, директорот Деспотовски презентираше детали за новата инвестиција, како и за разговорите за поддршката од државата за нејзина реализација. Како што беше истакнато, оваа инвестиција е дел од новиот пристап во работењето на Дирекцијата за ТИРЗ со анализа, но и значително покуси рокови за подготовка и склучување договори. Премиерот Заев и претставниците на италијанската компанија се согласија дека ваквиот пристап ќе значи и нов квалитет, поголема сигурност, а со тоа и повеќе странски инвестиции во Македонија.