Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само во изминатиов период, меѓу другите, месната индустрија најави покачување на цените на своите производи од 20 до 40 отсто, цената за маслото веќе значително е зголемена, а повеќе или помалку е забележително и поскапувањето на зеленчукот и на овошјето. Тоа сиромашните слоеви од населението ги доведува во ситуација најголем дел од средствата да даваат за храна и да не им останува многу за задоволување на другите потреби

Секоја година се забележува извесен раст на платите, но како многу побрзо да се зголемуваат цените на храната и основните трошоци за живот, со што животниот стандард не само што не се поправа туку сѐ поприсутен е впечатокот и дека се урива. Само во изминатиов период, меѓу другите, месната индустрија најави покачување на цените на своите производи од 20 до 40 отсто, цената за маслото веќе значително е зголемена, а повеќе или помалку е забележително и поскапувањето на зеленчукот и на овошјето. Тоа сиромашните слоеви од населението ги доведува во ситуација најголем дел од средствата да даваат за храна и да не им останува многу за задоволување на другите потреби.

Голем дел граѓани работат само за задоволување на основните потреби

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата изнесува 27.948 денари и е зголемена за 742 денари во однос на истиот период претходната година, додека минималната синдикална кошница изнесува 33.772 денари и е за 831 денар повисока од 2020 година.
– Загриженоста на граѓаните е поттикната од структурата на нашата потрошувачка и сметам дека најбитна е личната инфлација. Македонскиот стандард е низок затоа што потрошувачката кошница е 43 отсто само за храна и пијалаци, додека европската е 13 отсто, а има држави што просечно трошат само 8 отсто за храна и пијалаци. Ако ги вброиме домувањето, храната и облеката, тоа покажува дека ние живееме за основните потреби – објаснува универзитетскиот професор Борче Треновски.
Тој додава дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство не можат да се покријат со просечно исплатената плата во земјата.
– Ако направиме споредба со првите три месеци од оваа година и истиот период лани, ќе видиме дека цените на храната и на безалкохолните пијалаци се зголемиле за 2 отсто, што не е многу, меѓутоа ако пресметаме дека цената на маслото за јадење се зголемила за речиси 14 отсто, лебот, месото и овошјето за околу 3 отсто, што значи не е за занемарување. Вкупното домувањето има раст од 5 отсто, електричната енергија пораснала за 7,5 отсто. Сите трошоци за одржување на домаќинството пораснале околу 3 отсто, здравствените трошоци за 4 отсто, рестораните и сместувачките услуги имаат раст од 27 отсто. Најголем дел од овие трошоци ги засега сите граѓани. Просекот на инфлацијата и не е толку висок, само 2 отсто, но кога ќе се пресмета личната потрошувачка, на пример има болни што користат премногу лекови, тогаш кај нив инфлацијата е 15 отсто, значи стандардот е неизмерно поврзан со цените и оттука е реакцијата на граѓаните – истакнува Треновски.

Минималната кошница не може да си ја дозволат сите семејства

Како што вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“, при анализа на минималната потрошувачка кошница, два аспекта се значајни: каков е трендот на раст на цените во споредба со трендот на просечната плата и, оттука, колкава е разликата, дали се јавува недостиг или вишок, и второ какви се структурата и промените.
– Од последните податоци, минималната потрошувачка кошница во март изнесува 33.772 денари, и во споредба со минатата година истиот период има раст од 2,5 отсто. Доколку анализираме во период од пет години, ќе забележиме дека минималната потрошувачка кошница има тренд на раст. И за пет години пораснала за околу 2 отсто. Паралелно, со овој раст, тренд на раст забележува и просечната нето-плата. Но растот кај платата е поголем. Па, така, во 2015 година просечната нето-плата покривала 67 отсто од минималната потрошувачка кошница, додека во 2020 година покриеноста била 83 отсто, што е позитивен тренд – смета Петрески.
Според неа, оваа минимална кошница не може да си ја дозволат сите семејства. И тоа особено е проблем кај повеќебројните семејства и кај оние со минимални примања.
– Тие се погодени од два аспекта, прво во структурата на минималната кошничка, потрошувачката на храна и пијалаци е доминантна, со 73 отсто. И второ, нивните примања се често значајно и под просечната нето-плата – објаснува Петрески.
Но кај најсиромашните домаќинства, како што додава таа, поради пониските примања, овие издатоци имаат поголемо учество во расположливите средства. Кај најсиромашните, храната и пијалаците учествуваат со над 70 отсто во вкупните трошоци, додека кај најбогатите тоа учество е под 20 отсто и, оттука, најсиромашните домаќинства главно ги трошат расположливите средства за оваа намена.

Долгорочните проблеми не се решаваат со инстант мерки

Таа додава дека ова е долгорочен проблем и дека за неговото решавање нема инстант мерки.
– Потребно е да се јакнат вештините и способноста на најранливите лица да ја зголемуваат својата продуктивност и да станат конкурентни за вработување во повисокоплатежни работни места. Истовремено, стратегијата кон таргетирање компании со повисока додадена вредност може да даде придонес кон ублажување на овој проблем – потенцира Петрески.
Поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини смета дека најдраматичниот удар и последица ќе бидат кај најсиромашните, бидејќи она што им е неопходно и она за што единствено одвојуваат средства, им поскапува.
– Во економските теории општопознат факт е дека кај сиромашните држави најголем дел од средствата оди за храна. Така се мери и животниот стандард на граѓаните, колку повисоко учеството на храната во вкупните трошоци толку посиромашна држава, а Македонија важи за сиромашна земја, со висок процент на исхраната во вкупните животни трошоци – констатира Хајредини.