Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најмало бирократско оптоварување во однос на процедурите и бројот на часови што им се потребни на компаниите за да ги завршат своите обврски кон државата имало во Македонија. Ова го покажа Истражувањето за индексот на бирократија, со кое е утврдено дека компаниите во земјава треба да одвојат 146 часа за да бидат во согласност со сите законски барања.
– Системот за исплата на плати е целосно во електронска форма и компаниите воопшто немаат проблем и во услови на пандемија, значи не се зголемува товарот. Ова би го посочила како добра страна – изјави Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“, организација што го презентираше извештајот во Скопје.
Слабостите, како што кажа Мојсоска Блажевски, главно се во области каде што законската регулатива сѐ уште не е усогласена со ЕУ или е во процес на усогласување.
– Законот за заштита на лични податоци донесен во 2020 година, кој почна да се применува во 2021 година и со кој се воведуваат дополнителни обврски за компаниите, како и уште две-три законски измени, сметаме дека ќе го зголемат товарот на индексот во 2021 година. Значи, до крајот на годинава тие би претставувале зголемен товар – напомена Мојсоска Блажевски.
Истражувањето покажало дека работодавачите во Македонија годишно трошат над 30 работни часа (31,5) за да вработат или да отпуштат работници. Ова, според претставниците на „Македонија 2025“, е огромен бирократски товар. Блиску до нас е Шпанија со 30,75 часа, а најдобра е Литванија, каде што за овие бирократски процедури се потребни само 3,75 часа. Во Италија, Чешка и во Словачка времето минато пред шалтерите за оваа цел се движи меѓу 9,45 часа (Италија), па сè до 17,25 часа (Словачка).
Индексот на бирократија, кој е пресметан во рамките на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, користи меѓународно потврдена методологија за мерење на бирократијата и непотребниот административен товар што им се наметнува на претпријатијата. Во 2020 година првпат во Македонија беше спроведен и пресметан индексот на бирократија.
– Најмногу бирократски товар носи „Вработувањето и отпуштањето од работа“, кој опфаќа обврски за вработување и отпуштање, претходните и периодичните здравствени прегледи и почетната обука за безбедност и здравје на работа (БЗР), кои значително придонесуваат во бирократскиот товар – пишува во извештајот.
Изготвувачите предупредуваат дека нашата земја во иднина најверојатно ќе се соочи со зголемување на бирократскиот товар во однос на усогласувањето со европската регулатива, и тоа во подрачјата како отпад, безбедност и здравје и општата регулатива за заштита на податоците, но сметаат дека побрзото усогласување на македонското законодавство претставува и можност за работа на пазарот на ЕУ.