Фото: Дарко Андоновски

Генерално, во земјава сите патишта водат од и кон главниот град, што е сосема очекувано, бидејќи е и најголемиот економски центар. Сепак, недоволната патна инфраструктура со која протокот на возила од еден до друг крај на земјата би се одвивал без непотребни заобиколувања, дефинитивно, останува кочница за развојот на економијата

Сѐ уште недостигаат патишта низ Македонија со кои протокот на луѓе и стоки од источниот кон западниот дел од земјата ќе се одвива побрзо и со намалени трошоци. Факт е дека освен патот од Крива Паланка до Тетово и Гостивар, понатаму кон Охрид, друго поврзување од источна кон западна Македонија нема. Генерално, во земјава сите патишта водат од и кон главниот град, што е сосема очекувано, бидејќи е и најголемиот економски центар. Сепак, недоволната патна инфраструктура со која протокот на возила од еден до друг крај на земјата ќе се одвива без непотребни заобиколувања, дефинитивно, е кочница за развојот на економијата.

– Генерално, ако се погледне мапата на патишта во Македонија, веднаш се забележува дека единственото поврзување меѓу истокот и западот во земјава е направено од Крива Паланка до Тетово, а оттаму до Охрид. Меѓутоа нема никакво поврзување од Охрид преку Преспа, Ресен кон Битола и Кавадарци или пак од Охрид кон Гевгелија и кон Струмица. Сличен проблем постои и во средишниот дел на земјата, бидејќи нема поврзување од Кочани кон Велес и оттаму кон Кичево или кон Дебар. Сметам дека недостига и директно поврзување од Прилеп и Битола низ срцето на Мариово кон Гевгелија. Доколку се направат директни поврзувања меѓу градовите во внатрешноста, не само кон Скопје како центар, ќе може поуспешно да се развиваат локалните бизниси, бидејќи ќе се патува за помалку време и со тоа ќе се заштеди и на трошоците за горива – вели Страшо Јованов, претставник на Синдикатот на транспортери.

Тој посочува дека од аспект на транспортерите, генерално земено, патиштата што ги имаме во земјава се релативно добри, но дека недостигаат повеќе поврзувања меѓу градовите.

Освен тоа, ниту планираните патишта по Коридорот 8 не се комплетирани. Иако тој е важен за нашата земја, сепак сѐ уште не е целосно завршен, а според упатените, проблематичен е и самиот план за неговата реализација.

– Коридорот 8 е европски коридор, кој поминува низ Македонија со 330 километри должина, и ќе се гради на ниво на автопат, ама само од Гостивар до Охрид.

Планиран е автопат од Куманово до границата со Албанија, ама не и од Куманово до границата со Бугарија, туку тоа ќе биде експресен пат. Би сакал некој да ми објасни кој и како го одлучил тоа. Зошто не се предвидува по целата должина автопат – прашува професорот Слободан Огњеновиќ од Катедрата за патишта на Градежниот факултет во Скопје.

За транспортерите, пак, не е пресудно тоа од која категорија ќе се градат патиштата, туку постојните да бидат добро одржувани.

– Генерално, имаме добра патна мрежа, со комплетирање на автопатот кон Охрид, ќе стане уште подобра, но неопходно е нејзино редовно одржување и изградба на нови патишта со кои ќе се поврзат поголем дел од градовите низ земјата. Не мора секаде да се градат автопатишта. Напротив, поголемиот дел треба да се регионални патишта, но изработени по европски и светски стандарди и да се одржуваат редовно. Сметам дека Македонија може од сопствени средства да гради регионални патишта и дека не треба да се чека на донации и разни фондови – истакнува Јованов.

Во изминатиов период од Министерството за транспорт и врски (МТВ) постојано истакнуваат каде и во кои делови се обновени одредени патишта и посочуваат дека само во 2019 година биле рехабилитирани околу 500 километри, автопатска, регионална и магистрална мрежа, односно дека се работело на над 80 патни правци низ целата земја.

– Следната година започнува проект за изградба и санација на локални патишта, во вредност од 70 милиони евра, средства наменети исклучиво за изградба и санација на патиштата во општините. Секоја општина според утврдена методологија ќе добие средства и во рамките на тие средства ќе се градат или санираат улици и патишта. Физичката реализација ќе почне следната година, а дотогаш се утврдуваат приоритетните проекти. Очекуваме најголем дел од локалната патна мрежа да биде саниран – истакнуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека и јавното претпријатие за државни патишта во согласност со програмата за работа утврдува на кои патни правци ќе работи.


Се интензивираат градежни активности на Коридорот 8

Градежните активности на Коридорот 8, односно на изградбата на автопатот од Охрид до Кичево, добиваат на интензитет, велат надлежните. Од Министерството за транспорт посочуваат дека се изработува проектна документација за изградба на нов автопат од Кичево до Гостивар, но и на нов проект за проширување на автопатската делница од Гостивар до Тетово.
– Веќе е завршена реконструкцијата на делницата од Тетово до Скопје. Понатаму, кон исток, во тендерска постапка е рехабилитацијата од делницата од Куманово до Ранковце. Во тек е изградба на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, а очекуваме до крајот на годината да започне и изградбата на трета лента на патниот правец од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Понатаму во завршна фаза е изградба на експресниот пат од Штип до Крупиште. Оваа година започна изградбата на експресниот пат од Крупиште до Кочани. Кон југоистокот во тек е изградба на експресен пат од Штип до Радовиш. Заврши рехабилитација на дел од делницата Радовиш – Струмица и на патниот правец од Струмица до Ново Село – истакнуваат надлежните.