Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дознаките пратени преку банките и преку брзиот трансфер на пари забележаа силен раст од околу 47 отсто, што е јасен показател дека луѓето го приспособија своето однесување на новите околности

ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА, НАМЕСТО ДА ДАВААТ ГОТОВИНА, ИСЕЛЕНИЦИТЕ СЀ ПОВЕЌЕ КОРИСТАТ ФОРМАЛНИ КАНАЛИ

Поради ковид-кризата, македонските иселеници повеќе испраќале пари преку формални канали во 2020 година, наместо како минатите години, кога се практикувало парите да се донесат во готовина при посета на семејствата. На почетокот на пандемијата, финансиските институции прогнозираа дека дознаките, како значителен извор на приходи за земјите во развој, поради рецесијата предизвикана од ковид-19, ќе се намалат на глобално ниво. Наспроти очекувањата, последните податоци на Народната банка укажуваат дека преку електронските трансфери растат приливите по основа на дознаки од странство.
– На самиот почеток на пандемијата еден од поголемите ризици, посочен и од страна на меѓународните финансиски институции, беше можноста за поголем пад на дознаките што иселениците ги праќаат во своите матични земји – велат од Народната банка на Република Северна Македонија.
Оттаму додаваат дека оваа криза наметнува затворање на земјите, ограничено движење на луѓето, намалени социјални контакти, но најважно, ги погодува и пазарот на трудот на развиените економии во кои работат нашите иселеници, нивниот расположлив доход и можноста да продолжат да даваат финансиска поддршка преку дознаките.

– За Македонија дознаките се многу важни бидејќи претставуваат битен дел од доходот на населението и значајна поддршка на потрошувачката и на билансот на плаќања. Во нашите проекции за минатата година претпоставивме нивно намалување од околу 26 отсто, особено затоа што наша карактеристика е тоа што поголем дел од дознаките се праќаат во готовина. Остварувањата се блиски до проекциите, вкупните трансфери се намалија за околу 24 отсто, при што е видлив пад на готовинскиот дел. Но дознаките пратени преку банките и преку брзиот трансфер на пари забележаа силен раст од околу 47 отсто. Ова е јасен показател дека луѓето го приспособија своето однесување на новите околности, и сѐ повеќе ги користат дигиталните канали – истакнуваат надлежните од НБРСМ.
Со оглед на сите оцени за оваа година, сметаат од Народна банка, за постепено закрепнување и на глобалната и на домашната економија, ставање под контрола на пандемијата преку процесот на вакцинација и во однос на дознаките очекуваме раст од околу 20 отсто.
– Имајќи предвид дека оваа криза има продолжен карактер, нивно враќање на нивото од пред пандемијата се очекува во следната 2022 година – споменуваат од НБРСМ.
Професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека е нормално да има тренд на зголемување на дознаките за време на пандемијата кога се знае нивната намена, како поддршка на своите семејства во земјава и зголемената потреба за опстанок.
– Додека до пред една декада нашата активна дијаспора трансферираше и за инвестициска потрошувачка во градење нови куќи и друг недвижен имот, како што поминува времето сѐ помалку за оваа намена се трансферираат пари и нивни заштеди, бидејќи сѐ повеќе купуваат и градат свои куќи и станови таму. Сега претежно тие пари се за општа потрошувачка, а за време на пандемијата тоа беше и растечка компонента кај нас – нагласува Беџети.

Тој не очекува годинава дознаките да се намалуваат значително, па дури, според него, може и да пораснат, имајќи предвид дека голем број од луѓето, особено во Германија, Швајцарија, Австрија, Италија, скандинавски земји, кои лани воопшто не биле во Македонија или, пак, биле за многу краток период, оваа година, доколку пандемијата се намалува значително во интензитет, секако ќе дојдат и ќе престојуваат подолго, при што може да се претпостави дека секое семејство ќе потроши по најмалку три до четири илјади евра.
– Нашата економија ја држи жива дијаспората, и тоа доминантно европската, а не таа прекуокеанската. Европската дијаспора доаѓа во просек двапати годишно, а другите еднаш на три години – објаснува Беџети.
Приватните трансфери, кои од банките и од менувачниците завршуваат во НБРСМ, се значаен извор за девизните резерви во земјата. Со парите што работниците во странство им ги испраќаат на семејствата во Македонија, државата во голем дел го покрива трговскиот дефицит во размената со странство. Во изминатите неколку години, вкупните приватни трансфери во земјава зафаќаа околу 15 отсто од БДП.