Граѓаните можат да се информираат за јавниот долг преку новата алатка за транспарентност изработена од Министерството за финансии со поддршка на ИРИ и од УСАИД. Министерката Нина Ангеловска посочи дека преку целосна фискална транспарентност граѓаните ќе може да ги препознаат нецелосните и лажни вести, кои се злоупотребуваат за политичко поентирање.

– Силно се залагам за фискална транспарентност и за едукација на даночните обврзници, што сметам дека е важно за млади демократии како нас. Без разлика на економското познавање на граѓаните, податоците се прикажани и систематизирани на едноставен и разбирлив начин, за да бидат јасни за широката публика. Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите што постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а наедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација – кажа Ангеловска.

На страницата се достапни податоци за средствата што ќе се повлекуваат на домашниот и на странскиот пазар во текот на 2020 година. На платформата ќе се објавуваат податоци за долгот на јавните претпријатија, за секое одделно, како и очекуваното задолжување и раздолжување на претпријатијата во 2020 година.

Платформата е достапна на македонски, англиски и на албански јазик и ќе се ажурира на месечно и на тримесечно ниво. Ова е трета алатка за транспарентност пуштена од министерството во последната година. Претходно беа пуштени алатките „Отворени финансии“ и „Реализација на капитални расходи по буџетски корисници“.