Фото: Зоран Антоски

Денеска во седиштето на Регионалната комора во Кичево, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, се одржа презентација на Инструментот на кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Целта на Инструментот е да поттикне зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор со високо образовните и научноистражувачки установи, како и останатите форми на соработка за комерцијализација на иновации.

-Фондот за иновации денеска во Кичево имаше презентација, со цел промовирање на Инструментот кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. На овој повик можат да аплицираат сите микро, мали, средни претпријатија и приватни здравствени установи, кои што со наши средства би имале некои производи, услуги како краен резултат. Фондот обезбедува до 325.000 евра или 70 проценти кофинансирање, останатите 30 проценти, треба да бидат обезбедени од самите апликанти. Вкупниот фонд на овој повик е 5 милиони евра, 3 милиони се обезбедени од страна на Владата и 2 милиони евра се средства на Светска Банка. Инаку Светска Банка станува партнер и се надеваме на што поуспешни апликации од страна на компании од Кичево – истакна Никола Клопчевски, советник во Фондот за иновации и технолошки развој.

Како што нагласи тој, јавниот повик трае од 30.03 до 15.05 и до сега над 1000 компании се имаат заинтересирано за да добијат дел од овие средства за да го продолжат својот економски развој.

Од Регионалната комора Кичево додаваат, дека тие континуирано ги следат состојбите имаат целосен увид во тоа колку компании од оваа општина се заинтересирани да добијат дел од овие средства и да го унапред својот производствен процес. З.А.