Република Македонија силно ја поддржува иницијативата 16+1,која има огромен потенцијал за да ги унапредиме нашите партнерства, но и да креираме нов економски и бизнис потенцијал, порача премиерот Зоран Заев на пленарната сесија на Осмиот Самит на шефови на влади од ЦИЕ и НР Кина, што се одржува во Дубровник.

– Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ е одлична платформа и дополнителен канал за комуникација и соработка на нашата земја со НР Кина во повеќе различни сектори. Република Северна Македонија го финализира своето членство во НАТО оваа година и сме фокусирани на отворањето на преговорите со Европската Унија и во тој правец иницијативата 16+1 е комплементарна со овие наши напори- истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Нагласи дека нашата земја има бенефит од зајакнувањето на билатералните односи со НР Кина и во тој правец посочи на двата инфраструктурни проекта што произлегуваат како резултат на иницијативата 16+1, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а наскоро и официјалното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип што се наоѓа во финална фаза на изградба.

Соопшти дека од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина ќе се одржи „Четвртиот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина“.

Во таа насока, додаде, Координативниот центар за културна соработка лансираше веб платформа што ќе користи за комуникација и координација на институциите од културата на 17-те земји и треба да обезбеди компатибилност и комуникација помеѓу софтверските програми на националните културни установи, односно тоа е алатка за директна комуникација и размена на информации помеѓу нив.

На крајот од своето обраќање премиерот Заев посака добредојде на нашата пријателска соседна земја Грција која се приклучува кон иницијативата и станува седумнаесетта земја членка на процесот од соработка на НР Кина со земјите од ЦИЕ.

-На Западен Балкан му претстои долг пат на кој треба да работиме за унапредување на патната и железничката инфраструктура, на енергетска трансформација кон поголема употреба на обновливи извори на енергија и смарт дигитални технологии, области во кои Кина многу брзо напредуваше. Силно сум уверен дека денешниот Самит ќе обезбеди солидна платформа за зајакнување на нашата соработка, а посебно нашите економски врски земајќи го предвид фактот дека НР Кина ја шири економската соработка со земјите од регионот- посочи премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија на шефови на влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина.

Според агендата, премиерот Заев и владината делегација во која се вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за култура, Асаф Адеми, ќе има билатерална средба со премиерот на Кина, Ли Кечијанг и кинеска владина делегација.

Во Дубровник, претставници на владите на Република Македонија и на НР Кина ќе потпишат Акциски план за соработка во земјоделството.

На маргините на Самитот на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина од Процесот 16+1 се предвидени и повеќе билатерални средби.

Премиерот Заев се сретна со премиерот на Чешка Андреј Бабеш, а ќе има и заедничка средба со премиерите на Грција и на Хрватска, Алексис Ципрас и Андреј Пленковиќ.