Фото: Игор Бансколиев

Генерално, оцената за економската состојба на компаниите од областа на индустријата е поповолна во однос на истиот период во изминатата година, но останува неизвесноста, која е резултат на недоволната странска и домашна побарувачка и на сѐ уште неповолното економско окружување, потенцираат претставниците на коморите

И покрај сѐ уште неповолното економско опкружување

Наспроти досегашните поразителни состојби, најновите податоци за работењето на индустријата покажуваат позитивни тенденции и раст во производството, особено кај преработувачката индустрија, која опфаќа поголем спектар сектори и каде што до неодамна сѐ уште имаше знаци на проблеми во работењето. Растот се должи на некои сектори како што се производство на електрична опрема, потоа производство на машини и уреди, кај хемикалии и хемиски производи, производство на мебел…
Од последните податоци на Државниот завод за статистика, раст на индустриското производството е забележан во јуни годинава од 9,5 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Раст има во секторот рударство и вадење камен од 9,9 отсто и во преработувачката индустрија 10,8 проценти. Од друга страна, секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има намалување од 8 проценти.
– Позитивните резултати во преработувачката индустрија се должат пред сѐ на зголеменото производство во одделите производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, производство на тутунски производи…- се наведува во соопштението на ДЗС.

Дали растот се должи само на ниската споредбена основа

Претставниците на Стопанската комора објаснуваат дека растот на производството во одредени дејности од преработувачката индустрија во првото полугодие од 2021 година се должи на ниската споредбена основа во однос на истиот период од 2020 година, кога поради мерките што се презедоа за спречување на ширењето на ковид-19, на локално и планетарно ниво, значително се намали обемот на индустриско производство.
– Во првото полугодие од 2020 година позабележителен раст е регистриран во дејностите производство на електрична опрема (раст од 60,5 проценти), производство на машини и уреди неспомнати на друго место (раст од 54,1 проценти), хемикалии и хемиски производи (раст од 43,9 проценти), производство на мебел (раст од 23,3 проценти), производство на други неметални минерални производи (раст од 15,6 проценти), производство на моторни возила, приколки и полуприколки (раст од 11,5 проценти), производство на текстил (раст од 9,5 проценти) и производство на тутунски производи (раст од 8,0 проценти). На ниво на индивидуални компании, особено од автомобилската и електромашинската сфера, постои зголемен обем на производство и извоз, како резултат на заживување на екстерната побарувачка и проширено присуство на пазари во странство – потенцираат од СКСМ.

Нормализирањето на побарувачката е само делумно

Генерално, оцената за економската состојба на компаниите од областа на индустријата, како што посочуваат од Комората, е поповолна во однос на истиот период во изминатата година, но останува неизвесноста, која е резултат на недоволната странска и домашна побарувачка и неизвесното економско опкружување. Од Комората појаснуваат дека во секторот рударство и вадење камен, раст од 9,6 отсто има само во дејноста вадење други руди и камен, што се должи на делумно нормализирање на побарувачката на неметали и камен.
Претставниците на компанијата „Макстил“ посочуваат дека во текот на првото полугодие од годинава почнале полека да се чувствуваат знаци на закрепнување на глобалната економска активност, проследено со пандемијата, поради која тој процес се одвива нерамномерно.
– Глобалната челична индустрија не се очекува да претрпи драстични падови благодарение на закрепнувањето на кинеската челична индустрија, додека во преостанатиот дел од светот побарувачката на челични производи бележи пад. Под влијание на меѓународните барања за намалување на јаглеродната емисија и најавата за воведување данок на јаглерод во Европа, предвидувањата се дека во иднина цените на челичните производи ќе бележат зголемување. Зголемената побарувачка, транзицијата кон позелени извори на енергија, како и порастот на цените на влезните материјали се трите фактори што ќе влијаат на движењето и порастот на цените на челикот во наредниот период. Заживувањето на светската економска активност, а особено активирањето на инвестициските проекти од нашите деловни партнери на западноевропските пазари и на турскиот пазар придонесе за пораст на побарувачката на нашите производи, што внесе одредена доза на оптимизам – велат од компанијата.

Решението е во нов начин на организација на работењето

Оттаму додаваат дека благодарение на новиот начин на организација на работењето, како во делот на безбедноста така и во делот на набавките на потребните влезни материјали на почетокот на кризата, успеале да го неутрализираат порастот на цените на суровините и енергентите, кои ги зголемуваат трошоците на работење. „Макстил“ за периодот јануари – јуни 2021 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните поединечни финансиски извештаи, објаснуваат од компанијата.
Во согласност со нивните најави, во текот на втората половина од годината очекуваат постепено нормализирање на побарувачката на челик, условено од стабилизирањето на пандемијата.
– Нашите очекувања за третиот квартал се умерено оптимистички и во директна зависност од развојот и движењата во големите европски економии, како Германија и Италија. Компанијата ги презема сите неопходни активности за остварувањето на поставените цели, со посебен фокус на подобрувањето на условите за работа, безбедноста и здравјето на вработените. Исто така, во овој период незначително е зголемен бројот на вработените и извршено е мало зголемување на платите. „Макстил“ АД во континуитет се подготвува да одговори на најзначајните трендови во делот на животната средина, што со сигурност ќе обезбеди полесна транзиција кон циркуларна и нискојаглеродна економија – потенцираат од компанијата.