Производството во македонската индустрија паѓа веќе четврти месец по ред. Најголем пад од дури 10,4 отсто има во преработувачката индустрија, која учествува со околу 80 отсто во вкупното производство на македонската индустрија. Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, продуктивност… Кои економски мерки и сценарија треба да се преземат за да се справиме со оваа нова реалност

КАКО ПАНДЕМИЈАТА СЕ ОДРАЗИ ВРЗ ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО

Индустриското производство во октомври годинава е помало за 6,5 отсто во споредба со октомври 2020 година. Производството во македонската индустрија паѓа веќе четврти месец по ред, од јули годинава. Најголем пад од дури 10,4 отсто има во преработувачката индустрија, која учествува со околу 80 отсто во вкупното производство на македонската индустрија. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа во октомври има раст од 18,6 отсто. Државниот завод за статистика регистрира пад и на бројот на работниците во индустријата, во октомври 2021 во однос на октомври лани е намален за 2,5 отсто.
Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации.
Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, податоците по сектори точно ни даваат информации за состојбите и во кои сектори од индустријата треба да се прави план за „санација“.
– Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производството на текстил во октомври е помало за дури 37,5 отсто во споредба со ланскиот октомври. Производството на машини и уреди е помало за 35,9 отсто, производството на моторни возила и приколки бележи пад од 40,9 отсто, производството на метали е намалено за 14,8 отсто, производството во прехранбената индустрија е помало за 8,8 отсто. Оттука можеме да донесеме заклучок или, пак, да потврдиме дека се случува зголемена „чувствителност“ и внимателност кај дел од купувачите и намалена куповна моќ или животен стандард кај другиот дел од купувачите. Во голема мера, најавата за зголемување на цените и трошоците за живот директно и силно влијаат на „концептот“ на купување и планирање на домашниот буџет кај пошироката потрошувачка група – посочува Бошков.

Како што вели тој, податокот дека кај главните индустриски групи во производството бележи опаѓање кај капиталните производи за 33,1 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,9 отсто, е потврда за состојбите во потрошувачката и инвестициската група од економијата, кои влијаат во индустриската група од економијата, и во ваков тек во економијата е неминовно намалување на трошоците во производството каде што во скромно корпоративно управување најчесто се „удира“ по вработените.
– Нашата индустрија треба да се приспособи и да го прифати фактот дека пандемијата и мутацијата на вирусите и вирусните влијанија се дел од секојдневието и иднината, и дека така треба да се прифати социјалниот и економскиот живот, нашето општество треба да подготвува економски сценарија и мерки според „новата“ стварност и да вложува во безбедни работни места базирани на дигитализација и „модерна продуктивност“ и, секако, вложување во интернационализација на македонското производство. Да напоменам дека вакви промени се прават од систем на мерки за иновативност и план прифатен од сите за насока во индустријата – објаснува Бошков.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, падот на индустриското производство е резултат на проблемите во економијата што ги донесе ковид-кризата и некои долгорочни фактори и тенденции, како што е недостигот од стручен и квалификуван кадар во индустријата.
– Ако се споредат индексите на индустриското производство со индексите на бројот на работниците во индустријата, ќе може да се забележи дека во различни сектори се покажуваат различни тенденции, што зборува за фактот дека некаде е одлучувачко влијанието на пандемијата, а некаде големо учество имаат и долгорочните тенденции – смета Димитров.

Тој споменува дека кризата предизвикана од пандемијата во 2021 година посилно го погоди нашето стопанство за разлика од 2020 година.
– Некои проблеми, како што се прекините во транспортот, намаленото производство на суровини и материјали, зголемените цени на енергијата, овој пат многу го отежнаа нормалното функционирање на индустријата. Сметам дека Владата малку се „умори“ со мерките за справување со кризата и во овој период е преокупирана сама со себе. Затоа компаниите мора да се снаоѓаат како знаат и умеат – појаснува Димитров.
Тој додава дека и покрај големите проблеми што ги имаме денес, најлошо е што на долг рок ние имаме намалување на бројот на работници во индустријата и најважно прашање е дали ова намалување ќе успееме да го надоместиме со поголема автоматизација, дигитализација и зголемување на продуктивноста, бидејќи за нас растот на индустријата и извозот се неопходни за да можеме нормално да функционираме.