Заев на изградбата на далекуводот Штип-Овче Поле

Изградбата на далекуводот Штип-Овче Поле, е само дел од инвестицискиот циклус за ревитализација на електро-преносната мрежа на Република Северна Македонија. Истиот опфаќа реконструкција и изградба на шест 110 киловолтни далекуводи. Со овој инвестициски циклус се заменуваат сите армирано бетонски столбови стари и до 66 години. Се вложува со над 15 милиони евра за изградба на над 130 километри нови далекуводи, истакна премиерот Зоран Заев кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани и претставникот на Европската банка за обнова и развој, Анди Аранитаси, го означија почетокот на нова значајна инвестиција на МЕПСО.

Премиерот Заев рече дека ова е уште една потврда за посветеноста во реализација на ветените развојни проекти и заложбите за инвестиции во енергетската инфраструктура кои на долг рок значат подобрување на животниот стандард.

– Со реализација на предвиденото, ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали во нашата земја. Оваа инвестиција, ќе донесе бројни придобивки како за населението, така и за реалниот сектор. Новата и модернизирана преносна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението. Дополнително, во целата наша земја се одвиваат активности за реализација на големи капитални проекти – изјави Заев и упати честитки за посветената работата на градежниците, на компаниите изведувачи, надзорниот орган како и на континуираната поддршка на Европската Банка за Обнова и Развој за реализација на овие проекти.

Министерот Бочварски нагласи дека во услови кога со децении ништо не е инвестирано во преносната мрежа, оваа Влада, заедно со стручниот тим на МЕПСО инвестира во реконструкција и модернизација на шест далекуводи од преку 130 километри.

– Изминатата година целосно се завршени обемните реконструкции на трафостаниците Валандово, Осломеј, Дуброво и Прилеп, а во тек е реконструкција на транфостаниците во Битола, Струмица, Вруток и Скопје 4. Ова е доказ дека остануваме целосно посветени на изградба на стабилен електропреносен систем во државата. Инвестициите во електро преносниот систем се од клучно значење за севкупниот економски развој на државата – изјави Бочварски.

Генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани истакна дека со оваа инвестиција се спроведува стратешката цел на Владата, а тоа е транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кон обновливи извори на енергија. Дополнително додаде тој, на овој далекувод, во иднина ќе биде приклучена ветерната централа „Богословец” со инсталирана моќност од 36 мегавати.

Претставникот на Европската банка за обнова и развој за Македонија, Анди Аранитас ја поздрави посветеноста на Владата за имплементација на Зелената агенда во Стратегијата за енергетика со фазно деактивирање на термоцентралите, Осломеј и во Битола, како и целокупната декарбонизација на земјата, во согласност со барањата на Европската Зелена агенда и Парискиот договор.