Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бизнисмените стравуваат од можен хаос поради промена на името на одреден производ, кој веќе со години се продава и е баран на пазарот, да не предизвика сето тоа застој при извозот и продажбата

По ратификацијата на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, се наметнуваат прашањата дали и како ќе се одрази тоа врз економијата во земјава, што ќе се случи со македонските производи или брендови, кои во својот слоган ги содржат зборовите Македонија, македонско, произведено во Македонија итн. и дали евентуално фирмите во името на производите ќе треба да ја вметнат можеби придавката Северна?

Бизнисмените стравуваат од можен хаос поради промена на името на одреден производ, кој веќе со години се продава и е баран на пазарот, да не предизвика сето тоа застој при извозот и продажбата. Дополнително, се прашуваат и како ќе се изведе тоа ако марката или брендот се заштитени на светско ниво. Какви новини или последици ќе предизвика овој договор за бизнисмените засега е енигма, поради што и самите бизнис-заедници и повеќето експерти во моментов остануваат без одговор на нашите прашања.

Според Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, овој процес ќе биде долг и ќе трае најкратко со завршувањето на преговорите за влез во Европската Унија, затоа што во тој процес од страна на сите земји-членки на ЕУ можат да се дадат забелешки за ова прашање.

– Но што ќе се случи со македонските брендови, кои во својот слоган го содржат името Македонија, не знам како Преспанскиот договор ќе го регулира ова прашање. Сметам дека досега заштитените називи на нашите брендови не треба да се менуваат, а новото име да има влијание само кај регистрацијата на нови трговски марки – вели Димитров.

Според неговото размислување, онаму каде што ќе се пишува името на земјата производител сигурно ќе стои Северна Македонија, но дека ќе може да се употребува придавката македонски за нашите производи.

Сепак, од Стопанската комора на Македонија споменуваат дека прашањето во врска со користењето на терминот „Македонија/македонски“ за комерцијална намена, односно во називите на трговските марки и заштитните знаци на билатерално и на меѓународно ниво е дефинирано во Преспанскиот договор на начин што остава широк простор за наоѓање заемно прифатливи решенија за надминување на отворените прашања по таа основа

– Државата сигурно нема да влијае на името на брендот, тоа слободно го прават компаниите, но нема да може на декларацијата да стои „Произведено во Република Македонија“. Сметам дека целото ова прашање ќе има минимални или никакви негативни последици по извозот на нашите компании и нивната позиција на светските пазари – појаснува Димитров.

Од Стопанска комора на Македонија споменуваат дека прашањето во врска со користењето на терминот „Македонија/македонски“ за комерцијална намена, односно во називите на трговските марки и заштитни знаци на билатерално и на меѓународно ниво е дефинирано во Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција на начин што остава широк простор за наоѓање заемно прифатливи решенија за надминување на отворените прашања по таа основа.

– Во функција на остварување на ваквата определба ќе се формира меѓународна група на експерти со претставници од двете држави и од странство, која по нејзиното формирање, што е предвидено да се случи во текот на оваа година, има обврска својата работа да ја заврши во рок од три години, а дотогаш сегашната комерцијална употреба нема да се доведе во прашање доколку не се постигне заемна согласност за тоа – појаснуваат од СКМ.

Бизнисменот Мендерес Кучи неодамна истакна дека проблемите што се наметнати со менување на трговските марки се од техничка природа и изрази оптимизам за решавање.

– Сметам дека лесно ќе се надминат овие проблеми. Доколку останеше состојбата како досега, иднината на брендовите сепак ќе беше неизвесна. Можеби некои компании ќе имаат дополнителен трошок, но со тој потег проблемот ќе се надмине – додава Кучи.
Од Владата на Република Македонија посочуваат дека придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

– Други употреби на придавката, вклучувајќи ја и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со членот 7, став (3) и став (4) од Преспанскиот договор. Во врска со наведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, двете страни во Преспанскиот договор се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуриран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво – велат од Владата.

За спроведување на претходно наведените одредби, нагласуваат оттаму, дека ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО.

– Оваа група на експерти ќе се формира во текот на оваа година и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од членот 1, став 3 од Преспанскиот договор нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сѐ додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја – додаваат од Владата.