Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертската јавност и бизнисмените се поделени во прогнозите за целисходноста на владините мерки. Па, така, додека некои од експертите очекуваат дека мерките може да создадат позитивен сегмент во економијата, нагласувајќи оти е потребна соодветна реализација за ефективноста на мерките, има и такви што изразија незадоволство од овој пакет, велејќи дека некои од мерките не се комплетни, дека се недоречени и конфузни

РЕАКЦИИ ПО ОБЈАВАТА НА ПЕТТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ ЗА ВЛАДИНАТА ПОМОШ НА СТОПАНСТВОТО И НА ГРАЃАНИТЕ

Со петтиот пакет мерки за санација на кризата предизвикана од ковид-19, Владата, како што најави, планира да обезбеди ревитализација, стабилност и развој на економијата во услови на пандемија. Но експертската јавност и бизнисмените се поделени во прогнозите за целисходноста на владините мерки. Па, така, додека некои од експертите очекуваат дека мерките може да создадат позитивен сегмент во економијата, нагласувајќи оти е потребна соодветна реализација за ефективноста на мерките, има и такви што изразија незадоволство од овој пакет, велејќи дека некои од мерките не се комплетни, дека се недоречени и конфузни.
Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека новиот пакет на мерки за поддршка на стопанството е обид на Владата да им излезе во пресрет на граѓаните и на компаниите и потврдува дека кај компаниите задоволството од нив е различно.

– Капацитетот за помош може да претпостави и да се препознае по тоа што премиерот рече дека ова е последен пакет на помош во кој ќе даваме субвенции за плати, тоа значи дека немаме пари или дека тешко се обезбедуваат. Сега ќе можат да обезбедат плати само компаниите што се навистина во загуби, односно што навистина имаат потреба од помош. Факт е дека сегашните услови се збунувачки, бидејќи велат дека за помош може да аплицираат компании што потоа треба да покажат раст, а економската логика вели дека ако имаш раст, немаш потреба од помош. Исто така проблематично е што компаниите што ќе остварат раст ќе добијат грант за кредитот, додека оние што нема да покажат раст нема да добијат грант. Јас тоа го разбирам дека се обидуваат да ги стимулираат компаниите да работат профитабилно, но во овој случај профитабилноста на компаниите не зависи само од компаниите, туку делумно зависи и од Владата – истакнува Бошков.

Компаниите оставени на милост и немилост на Владата

Ако пандемијата го зголеми влијанието, вели тој, тогаш повторно некои компании ќе бидат зависни од одлуки на Владата или од комисијата. Ако Владата донесе одредба дека некои сектори мора да затворат, тогаш немаат како да продолжат со дејноста.
Сепак, тој истакнува дека Македонија е веќе задолжена земја и средствата за враќање на долговите мора да се обезбедат. Наедно, тој дополнува дека поради нашиот менталитет, има компании што се обидуваат да ги заобиколат правилата.
– Водењето бизнис во Македонија е исто така отежнато, условите за македонските компании се тешки, не само поради ликвидноста, или начинот на водење бизнис, туку и поради менталниот склоп што го имаме. Секогаш сакаме да добиеме нешто без да вложиме, а во многу случаи македонските компании ги заобиколуваат законите, како што се плаќањето даноци и социјални придонеси, почитувањето на законите не е секогаш практика на македонските компании. Тука има врзан круг на исполнување на обврските и задачите. Сметам дека допрва ќе ги почувствуваме ефектите од условите за добивање на потребната помош – дополнува Бошков.
Тој посочува дека предложиле, како мерка за излез од кризата, компаниите да се дигитализираат, да ги забрзаат дигиталните процеси, со што работата ќе биде модернизирана, а ефектите од неа ќе бидат поголеми.

Слабо целење

Според универзитетскиот професор и член на ИК на ВМРО, Трајко Славески, колку е поголем бројот на мерките, толку е помала нивната ефикасност.
– Некои од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на слабо целење на мерките и сметам дека овој пат со обемот на средствата за поддршка на економијата, планирани и реализирани, ќе се најдеме на дното во Европа – вели Славески.
Според него, мерката за директна поддршка на претпријатијата за исплата на плати повторно како услов поставува пад на приходите од минимум 30 отсто.
– Голем дел претпријатија во нашата држава се приспособија на новонастанатата ситуација. Ваквиот критериум можеби беше валиден во мај 2020 година, но сега би требало да се спушти на 15 отсто пад на приходите во соодветниот период – објаснува Славески.
Втората мерка, додава тој, за бескаматни кредити преку Развојната банка е за целна група што во изминатата година настрада најмногу.
– Им се забранува да користат субвенција на плата ако користат кредит од Развојната банка. На некои од овие дејности им се забрани да работат, како што се рестораните за свадби, а сега им ги покриваат делумно само трошоците, но што со преостанатите трошоци што ги плаќаат, како електрична енергија, вода комуналии и слично. Потребно е јасно прецизирање на сето ова. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и зголемената добивка, компаниите ќе имаат можност да добијат скалесто неповратен дел од 30 до 50 отсто од самиот кредит. Кој ќе одлучува за ова и според која основа? Ќе има ли јавно објавување на тоа кои компании ќе добијат неповратен дел на кредитот – истакна Славески.
Како што вели тој, има недоречености и во мерката што се однесува на 5 милиони евра за гарантна шема преку МБПР и неопходно е овој износ да се зголеми барем на 10 милиони евра, бидејќи износот претходно беше поголем.
– Кај поддршката на извозните компании не е понудена јасна методологија. Истата таа не е базирана на претходна анализа во делот на адресираните проблеми со кои се соочува земјата и извозните домашни компании во делот на недоволната конкурентност и активност на странските пазари – нагласува Славески.
Тој смета дека мерките се недоречени и конфузни и дека при предлагањето треба да се размислува системски и долгорочно.

Мерките допрва ќе се разработуваат

Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека, според првичните информации што ги добиле од направените презентации на мерките, впечатокот е дека Владата го ислуша апелот на компаниите за продолжување со мерката за финансиска помош за исплата на плати.
– Ова значи дека компаниите ќе можат да избираат дали ќе користат финансиска помош за исплата на плати или, пак, бескаматен кредит за надминување на неликвидноста – додава Димитров.
Објавените критериуми и споредбениот период со 2019 година, напоменува тој, исто така се добри, затоа што не може да се споредуваме со периодот од март 2020 до декември 2020, кога беа присутни последиците од ковид-кризата.
– Останува да го видиме предлог-текстот на законот, за да ги видиме сите критериуми и услови што треба да се исполнат за да се користи поддршката. Дури тогаш ќе можеме со сигурност да кажеме дали мерките ќе помогнат за надминување на проблемите и дали се комплетни – истакна Димитров.

Реални ли се критериумите за помош на туристичко-угостителскиот сектор

Од Стопанската комора на Македонија во својата реакција за петтиот пакет мерки за поддршка на стопанството укажаа дека во делот на угостителството и туризмот се клучни условите под кои ќе се нуди помошта.
– Искуството од 2020 година, кога беа обезбедени плати за шест месеци, имаше критериуми за задржување на бројот на работници и поради тоа за последните три месеци од годината некои од компаниите од секторот хотели, туристички агенции, туроператори не беа во можност да ја користат оваа мерка. Укажувањето од секторот е дека компаниите што работеа со минимален приход, споредено со истиот период од 2019 година, имаа одлив на работници најмногу како резултат на лични одлуки на вработените поради непредвидливоста на
работниот процес во дејноста, како резултат на кризата – посочуваат од Комората.
Оттаму напоменуваат дека истовремено треба да се укаже дека хотелите, туристичките агенции, туроператорите во услови на минимална деловна активност во текот на цела 2020 година направија и вложија сопствени напори за задржување максимален број работници, што треба да биде поддржано.
– Оттука, продолжување на мерката за поддршка на плати се поддржува од секторот, но со укажување за критериуми што нема да условуваат со број на работници од претходни месеци, бидејќи за овој сектор тоа е нереално – посочуваат од Комората.
Тие додаваат дека воспоставувањето бесплатни ПЦР-тестови за странски туристи што ќе престојуваат во државата, за што ќе приложат соодветна потврда, е мерка по барање на бизнисот и сметаат дека во меѓувреме треба да се доработат протоколите за нејзиното функционирање.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска