Фото: Игор Бансколиев

Падот на економската активност влијаеше негативно врз приходната страна, односно на наплатата на давачките, додека на зголемувањето на расходната страна влијаеја растот на здравствените трошоци и стимулативните економски мерки

Во услови на долготрајна здравствено-економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, неминовни се значително продлабочување на буџетскиот дефицит и зголемување на јавниот долг, но економските експерти велат дека е потребно многу да се внимава за да не се наруши дополнително ликвидноста на економијата, која и така е многу кревка. Од Народната банка истакнуваат дека се очекува постепена фискална консолидација на среден рок, при натамошна поддршка на економијата преку фискалните мерки за ублажување на ефектите од пандемијата, но со поголемо потпирање на домашните извори на финансирање.
Иако буџетот за 2021 година предвидува постепена фискална консолидација гледано според буџетскиот дефицит, што исто како и растот на БДП е проследено со голема неизвесност, универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека фокусот на фискалната консолидација треба да се стави на консолидација на непродуктивните расходи и на преструктурирање на расходната страна во мера во која тоа е возможно.
– Околу јавните финансии сега не можеме да дискутираме и анализираме како што тоа би го правеле во нормални времиња. Но оправдано е прашањето како ќе ги консолидираме по завршувањето на пандемијата, кое се очекува дека ќе стане реално со напредувањето на вакцинирањето. По пандемијата, ќе биде неопходна поголема фискална консолидација – објаснува Петрески.
Како што вели тој, ќе биде погрешно ако таа е линеарна, односно ако настанат кратења кај сите буџетски програми, или ако сѐ се сведе на драстично зголемување на даноците.

– Политиките ќе треба внимателно да се позиционираат некаде на средина. На пример, ќе мора поамбициозно да се кратат непродуктивни трошења, но трошењата за клучните сектори веројатно ќе треба да се зголемат. Образованието од пандемијата ќе излезе со некои поуки, кои ќе наметнат трошења за да се зголеми отпорноста на образовниот систем на нови вакви потреси. Истото тоа се однесува и на здравствениот сектор, кој по пандемијата ќе треба особено да се насочи кон инвестиции во кадар. Да не ги изоставам капиталните инвестиции, кои мора да бидат еден од моторите на постпандемискиот економски раст – истакна Петрески.
Што се однесува до даноците, професорот смета дека консолидацијата ќе биде неопходна и на таа страна, првенствено преку зголемување на даночната база и ревизија на даночните олеснувања, а на среден рок и размислувања за нагорна корекција кај некои даноци, како што е персоналниот данок на доход и данокот на добивка.
– На крајот, клучно ќе биде сево ова по пандемијата да се изведе во консултативен процес, добро осмислено и во соодветен период што ќе овозможи економските агенти да се приспособат кон промените – појаснува Петрески.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, ковид-кризата влијаеше кај речиси сите економии кон продлабочување на буџетскиот дефицит, а со тоа и кон раст на државниот долг.
– Имено, падот на економската активност влијаеше негативно врз приходната страна, односно на наплатата на давачките, додека на зголемувањето на расходната страна влијаеја растот на здравствените трошоци и стимулативните економски мерки. Во Европа, освен кај Норвешка (која има негативна промена на државниот долг во 2020 година во споредба со претходната година за -1,3 процентни поени), се забележува раст на државниот долг – истакнува Бесими.

Тој додава дека во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3 отсто од БДП, понатаму Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81 отсто од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7 отсто. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји.
– Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое според процените на ММФ во извештајот за земјава од април 2020 година за македонската економија, не надминува 70 отсто од БДП. Исто така е важно цената што ја плаќаме за долгот да биде исплатлива, односно додадената вредност – растот, која тој ќе ја продуцира да биде поголема од каматната стапка. Тука се соочуваме со изборот меѓу чеканот и наковалната, односно како да се финансира економскиот развој, а истовремено да се задржи умерено и стабилно ниво на јавен и државен долг – истакна Бесими.
Како што напоменува министерот, во насока на заложби за фискална консолидација, а наедно и заложбите за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу 5 отсто, во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е планот за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст.
– Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и во приватниот сектор. Со планот сакаме да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, а притоа да останеме на поставениот курс постепено да го намалуваме фискалниот дефицит, а со тоа и да го задржиме долгот на стабилно ниво – вели Бесими.