На денешната седница министрите во Владата го усвоија предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште кој има за цел на подобар и поефикасен начин да се уреди управувањето и располагањето со градежното земјиште.

Дел од новите решенија во предлог-законот утврдуваат дека отуѓувањето на градежното земјиште сопственост на државата по пат на електронско јавно наддавање ќе се врши само на уредено градежно земјиште и ќе содржи дополнителни конкретни податоци кои ќе придонесат за подобро запознавање на купувачите со нивните права и обврски во иднина. Договорите за купопродажба на градежно земјиште по пат на јавно наддавање во целост ќе ги содржат сите предвидени податоци од Објавата за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, за да се придонесе за постабилен пристап во евентуалните судски спорови.

На предлог на Министерството за финансии, Владата денеска го утврди и текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, со кој, меѓу другото, ќе се изврши појаснување, допрецизирање и олеснување што произлегуваат од одредбите од Законот кои се однесуваат на: непризнаените расходи, правото на даночен кредит за одредени зголемувања на даночната основа, како и за работи кои се однесуваат на граѓанските непрофитни организации.