Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државниот завод за статистика објави дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јуни 2020 година, изнесува 151.054.307 илјади денари и бележи пад од 22,2 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста, пак, на увезената стока во истиот период достигнала 206.239.277 илјади денари, што е за 17,9 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година.

– Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2020 година, изнесува 55.184.970 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари – јуни 2020 година изнесува 73,2 отсто – се наведува во соопштението на ДЗС.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на спроводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот најзастапени се платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – јуни 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Бугарија.