Претставниците на индустријата за преработка на овошје и зеленчук посочуваат дека извозните потенцијали на земјата не се искористени, иако оваа гранка во пандемијата се покажала како најотпорна

Иако пандемијата на ковид-19 ги наруши вообичаените економски текови и за одредени економски гранки значително ги влоши условите за работа, сепак, компаниите што извезуваат преработено сезонско овошје и зеленчук бележат пораст на извозот и во текот на панедмијата. Упатените укажуваат дека овие компании поради ширењето на вирусот биле обврзани од странските партнери да ги подобрат условите за работа и квалитетот на продуктите.
– Домашната преработувачка индустрија на овошје и зеленчук во изминатите неколку години, во однос на извозот, ја надмина винската индустрија и, практично, по тутунот и тутунските производи, е на второ место како извозен производ во земјоделскиот сектор. Домашните преработувачи имаат капацитет и за зголемено производство, а со самото тоа и на поголем извоз. Покрај постојните договори за извоз со земјите од ЕУ, но и со САД, Канада и со Австралија, тие се постојано присутни на сите поголеми светски саеми за храна, обидувајќи се да најдат нови пазари, а со тоа и да го зголемат извозот – велат претставниците на Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ истакнуваат дека во перидот од почетокот на панедмијата, компаниите извозници на преработено овошје и зеленчук имале заострени барања од партнерите во однос на квалитетот, кои домашната индустрија успешно ги исполнила.

– Земјава има поволни предиспозиции во производство на продукти од овошје и зеленчук, како во квантитет така и во квалитет. За жал, она што во моментов се произведува не е доволно да се пласира како свежо и да се користи како суровина за домашната конзервна индустрија. Поради овие причини, домашните преработувачи се принудени да увезуваат добар дел од суровините, претежно од Турција. Царинската стапка од 50 отсто е висока поради фактот што домашната конзервна индустрија не е конкурентна во однос на одредени традиционални производители, пред сѐ од регионот, како на пример Србија или Турција, кои се, исто така, присутни на странските пазари. Се наметнува потреба од итна измена на постојните регулативи во овој дел, во согласност со моделите што Комората веќе ги има предложено – додаваат од СКМ.
Претставниците на индустријата за преработка на овошје и зеленчук посочуваат дека извозните потенцијали на земјата не се искористени, иако оваа гранка во пандемијата се покажала како најотпорна. Истакнуваат дека се соочуваат со недостиг од суровини и работни сила поради нерешениот статус на сезонските работници, но како проблем ги посочија и сложените царински процедури, високите царински давачки за суровини и репроматеријали.
– Во земјава најголем дел од суровините што ги користиме во нашата дејност е со царинска стапка од 50 проценти, а нивниот извоз е слободен. Сите поголеми компании од конзервната индустрија и преработките на овошје и зеленчук во Македонија најголем дел од производството го пласираат во странство, односно се натпреваруваат на меѓународниот пазар, иако поради високите царински стапки нам ни се намалува конкурентноста на меѓународните пазари – вели Виктор Петков, сопственик на една од компаниите чија главна дејност е преработка на овошје и зеленчук.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем дел од преработките на овошје и зеленчук се извезува во соседна Србија, каде што во периодот од јануари до октомври биле извезени производи во вредност од 7,6 милиони евра. Следна земја каде што имаме најголем извоз е Хрватска, каде што извозот достигнал 6,2 милиони евра, додека трета земја е Германија, со извоз во висина од 4,8 милини евра. Потоа следуваат Косово и Босна и Херцеговина, а на листата земји со најголем извоз на македонски преработки на овошје и зеленчук се и Австралија, САД, Швајцарија и Канада, односно земји каде што има поголем број наши иселеници.