Фото: Игор Бансколиев

Компаниите што извезуваат имаат потенцијал да ја повлечат домашната економијата во нов раст, а една од опциите за поголем раст на стопанството, според економистите, е наоѓањето нови пазари на кои би се пласирале домашните продукти

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа десет отсто пад на извозот и увозот во текот на 2020 година, што е резултат на рестриктивните мерки наметнати како обид да се сузбие ширењето на ковид-19. Домашните економисти веќе посочија дека нашите извозни компании имаат потенцијали да ја повлечат домашната економијата во нов раст. Една од опциите за поголем раст на стопанството е преку пронаоѓање нови пазари каде што би се пласирале домашните продукти.
– Еден од клучните канали на влијание на кризата со ковид-19 врз извозно ориентираните компании, беше намалената побарувачка од странство. И тоа не е за изненадување, земајќи предвид дека оваа криза е од глобални размери. Во неодамна објавената студија, извозниците го рангираа највисоко овој проблем. Дополнително, извозниците што извезуваат надвор од ЕУ бележат поголемо забавување во растот на инвестициите во текот на ковид-19. Истовремено кај овие компании постојат потенцијал и намера за целење на нови пазари, па така повеќе од 40 проценти од извозниците планираат да се прошират на нови пазари во текот и по ковид-кризата. Оттука една од нашите препораки во студијата е да се стимулира освојувањето нови пазари преку субвенционирање на експанзијата кон нови пазари и економска дипломатија – објаснува Благица Петрески, главна економистка во Институтот за економски истражувања и политики.

Мерки што би им помогнале на извозниците

Примарни пазари за македонските извозни компании се пазарите во ЕУ и соседните земји, што поради оваа криза се покажа како доста ранлив сегмент. За мала економија како нашата извозот е еден од начините за влез на поголем капитал и поради тоа, покрај зголемување на бројот на компании и продукти кои би се извезувале, неопходно е да се бараат и нови пазари за пласман.
– Мерки што би им помогнале на извозниците се царински и даночни олеснувања што ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонскиот извоз, како и со поддршка на инвестиции во приватниот сектор што се потпираат на домашни ресурси, а чии финални производи се наменети за странските пазари. За отворање на алтернативни пазари, од големо значење се дипломатските активности на државата за проширување на мрежата на договори за слободна трговија, особено со земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, кои на македонските компании ќе им овозможат да ги користат поволностите на дијагоналната кумулација, но и забрзувањето на процесот на усвојување на ревидираните правила за потекло на стоките што ги унапредуваат конвенцијата Пан-еуро-мед и ревидираната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кои носат повеќе поволности за македонските извозници – посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

Како можат извозниците да ја повлечат економијата

Оттаму додаваат дека меѓу првите укажувања на почетокот од кризата било при конципирање на мерките за помош на компаниите да има и посебни мерки за компаниите што можат да испорачаат резултати и да ја повлечат економијата напред. Како што објаснуваат од комората, успешни компании од сектори со потенцијал за раст можат да дадат импулс за раст на македонската економија по завршувањето на пандемијата.
Извозните потенцијали за домашната економија ги посочуваат и владините претставници, кои најавуваат дека и во иднина ќе има мерки за поддршка на ваквите компании, со намера тие да остваруваат подобри резултати што потоа би придонеле за раст на платите на работниците.
– Извозниот сектор е мотор на нашата економија и тој и понатаму ќе биде поддржуван, со напомена дека во иднина пакетот поддршка за секој иден инвеститор ќе биде дефиниран во насока најпрво на покачување на платите што им се исплаќаат на вработените, а истовремено и со процент на раст на приходи. Со ваква поставеност, нашата намера е овие компании да даваат повисоки плати што автоматски значи поголем стандард и поголема куповна моќ на граѓаните, како и повисок износ на директни даноци во буџетот – кажа Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.


Најголемиот дел од извозот бил насочен кон ЕУ

Инаку, бројките покажуваат дека во периодот јануари – декември 2020, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија изнесува 356.351.499 илјади денари и бележи пад од 9,8 проценти во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока во истиот период изнесува 468.387.426 илјади денари, што е за 9,7 отсто помалку во споредба со претходната година. Најголем дел од надворешнотрговската размена се прави со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција. Притоа се забележува дека по региони, најголем дел од извозот изминатата година, или 77,5 отсто, бил насочен кон земјите-членки на Европската Унија. Притоа извозот во ланската пандемиска година е за 11,6 проценти помал отколку во 2019 година. Исто така и увозот од Европската Унија е намален, и тоа за 18,1 отсто. Во земјите од Западен Балкан изминатата година биле извезени производи во вредност од 636 милиони евра, што бележи пад од 13,3 проценти во споредба со 2019 година.
Падот на извезеното и увезеното количество стоки е резултат на пандемијата поради која во европските земји, кои се најголемите трговски партнери на домашните компании, беа воведени рестриктивни мерки. Поради ваквите одлуки, нарачките од нашите компании беа значително намалени, но токму овие случувања треба да бидат поттик домашните компании да пронајдат нови пазари каде што би можеле да ги пласираат своите продукти.