Се чека реализација на капитални инфраструктурни проекти за меѓусебно поврзување - Фото: Маја Јаневска-Илиева

За економски пораст и развој на Република Македонија, покрај имплементирање економски мерки, од особено значење е да се обезбедат политичка стабилност и владеење на правото

Спроведување на економските реформи за привлекување инвестиции, поддршка за проекти што ќе ја подобрат транспортната и енергетската инфраструктура, можности за зголемување на средствата од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Западен Балкан, обединување на земјите од регионот, поголема соработка меѓу владите и стопанствениците, како и заеднички инвестиции во функција на пораст и стабилност беа во фокусот на економскиот сегмент на самитот „ЕУ – Западен Балкан“, што се одржа во Софија.
Претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, ја истакна важноста од спроведувањето на економските реформи во Република Македонија во процесот на приближување до Европската Унија.

– Спроведувањето на економските реформи во земјата со приоритет на регулаторната реформа, како и на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарот, доследност на политиките, владеење на правото за привлекување и задржување на инвеститорите се приоритетите, кои значат заедничка работа на сите важни чинители во општеството како клучни за постигнување економски пораст, конкурентност и подобар животен стандард – посочи Арсовска.

Таа додаде дека е потребно искористување на достапните фондови за да се изгради силна економска мрежа со земјите од Западен Балкан, како обединет пазар што ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.
Европската Унија во консултација со земјите од Западен Балкан ја усвои декларацијата од 17 точки на самитот. Во согласност со документот, ЕУ и на овој самит ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан и изрази одлучност да ја зајакне својата вклученост на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјалната трансформација на регионот.

Меѓу другото, во декларацијата се вели дека ЕУ се обврзува значително да ја поттикне поврзаноста во транспортната, енергетската, дигиталната и економската сфера, а се додава и дека ЕУ се согласува да промовира поволна пазарна и инвестициска средина во Западен Балкан за тој побргу да се придвижи кон дигиталната економија и кон одржливите општества што ги почитуваат одредбите за климата во согласност со парискиот договор.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека за економски пораст и развој на Република Македонија, покрај имплементирање економски мерки, од особено значење е да се обезбедат политичка стабилност и владеење на правото, и во таа насока Владата спроведува низа на реформи во сите сектори.
Тој истакна дека за побрза европска интеграција од особено значење е земјите од регионот на Западен Балкан да работат на унапредување на меѓусебната и на регионалната соработка.

– Република Македонија, како мала земја, треба да ја зголемува соработката со земјите од регионот за да се забрзаат европските интеграции. Тоа подразбира активности во надминување на административните бариери што сега постојат, но и реализација на капитални инфраструктурни проекти за наше меѓусебно поврзување – нагласи Анѓушев.

Тој посочи дека особен фокус ќе биде ставен на реализација на патна и железничка инфраструктура на паневропскиот Коридор 8.
– Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурните проекти. Владата на Република Македонија е посветена на транспарентно и корисно насочување на финансиските средства од меѓународните институции, како и на средствата од даночните обврзници. Тие средства ќе бидат наменети на вистински начин, за изградба на патишта, железница, како и за изградба на гасоводна мрежа и конектирање со Трансјадранскиот гасовод (TAP) и терминалите за природен гас во соседна Грција, за да обезбедиме конкурентност и во снабдувањето со природен гас. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електроенергетскиот пренос, кој ќе ги поврзе Република Македонија и Република Албанија – додаде Анѓушев.

На самитот беше потпишан и Меморандумот за разбирање за спојување на пазарите со електрична енергија помеѓу министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, и министерката за енергетика на Република Бугарија, Теменушка Петкова. 

– Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности за прекугранична трговија за постигнување ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги – вели Бектеши.
Покрај приклучувањето на нашата земја на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, како што додаде, операторите на системот за пренос ќе ги зголемат капацитетите за прекуграничен пренос во регионот со изградба на нови водови, а националните регулаторни органи ќе ја хармонизираат регулаторната рамка за интеграција на пазарот.

Самитот беше еден од клучните настани за време на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија, кој ги поврзува сите 28 шефови на држави или влади на ЕУ со премиерите на Западен Балкан. Целта на Виенскиот економски форум е да изгради мост помеѓу бугарското претседателство на Советот на ЕУ и следното австриско претседателство. К.П.