Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопанската комора на Македонија подолг временски период реализира проекти за развој на капацитетите во градежниот сектор, за имплементирање на постулатите за енергетската ефикасност во градежништвото

Во следните 30 месеци во Македонија ќе се спроведува проект за одржливо енергетски ефикасно градење, кој треба да му помогне на градежниот сектор да биде во чекор со вредностите и стандардите на градежништвото во европските држави. Првпат ќе се имплементира и алатката БИМ, која ќе ги содржи сите податоци при градење, почнувајќи од градежниот проект, преку фазата на имплементација, до користењето на зградата.

– Алатката БИМ треба да им помогне на градежните компании да градат енергетски ефикасни згради и, со самото тоа, очекуваме градежниот сектор да оди во чекор со она што го бара ЕУ. Тоа не само што ќе придонесе за јакнење на конкурентноста во градежниот сектор туку ќе придонесе и за постигнување на параметрите што Македонија се обврзала да ги постигне до 2020 година во договорот со ЕУ – изјави Владанка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија, на конференцијата организирана по повод почетокот на проектот.

Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (ТРАИНЕЕ) е дел од потпрограмата „Енергетска ефикасност“, во рамките на европската програма „Хоризонт 2020“.

Преку проектот ќе се реализираат низа обуки, а една од целите е да се препознаат и вештините и знаењата со кои располагаат работниците и за тоа да им бидат дадени соодветни сертификати.

– Важно е да се знае кои работници се сертифицирани, бидејќи во градежниот сектор многу од работниците немаат формално образование и на терен ги стекнуваат своите знаења и вештини. Наша цел ќе биде да ги препознаеме тие вештини и знаења и да им дадеме сертификат за тоа што всушност тие знаат – појасни професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии.

Според неа, ако има обучени работници, инженери, менаџери и инвеститори, ќе може да се подобрат и правилата и начинот на градба во Македонија.

Од страна на Владата е ветена институционална помош. Министерот без ресор Зоран Шапуриќ изјави дека Владата останува цврсто определена за дијалог со коморите, експертите и универзитетските професори и ќе биде во целосна комуникација со нив.

– Република Македонија има преземено обврски за исполнување на целите на ЕУ-стратегијата 20/20/20, поточно се обврзала до 2020 година да достигне 14,5 отсто заштеда на енергија во споредба со просечната потрошувачка од периодот 2002-2006 година, намалување на емисиите на јаглерод диоксид, учество од 21 отсто на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка на енергија до 2020 година – истакна министерот Шапуриќ.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, нагласи дека СКМ подолг временски период е вклучена во реализација на проекти за развој на капацитетите во градежниот сектор за имплементирање на постулатите за енергетската ефикасност во градежништвото и исполнување на целите за одржлив енергетски развој, што е во согласност и со Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност на Република Македонија до 2020 година.

– Енергетската ефикасност несомнено го засега и секторот градежништво како еден од секторите што се двигатели на домашната економија, чие учество во бруто-домашниот производ се движи од 8 до 12 отсто во последните години. Во градежништвото се регистрирани 4.814 активни деловни субјекти, што претставува 6,7 проценти од вкупниот број активни деловни субјекти на ниво на државата и се ангажирани околу 54.000 лица, што претставува 7,21 отсто од вкупно вработените – посочи Серафимовски.