Македонија и Турција можат многу повеќе да направат и во инвестициите и во трговската размена, истакна претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред турските стопанственици во Истанбул.

– Во 2012 година со турскиот државен врв направивме преглед на нашите билатерални односи и заклучивме дека политичките односи се на одлично ниво, но сепак она што недостасуваше беше економската соработка. Затоа, си поставивме една цел, а тоа е годишната трговска размена да ја зголемиме на една милијарда долари – порача претседателот Иванов.

На бизнис вечерата, на кој присуствуваше делегација на Стопанската комора на Македонија, раководството на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ) и стопанственици од Турција, македонскиот претседател говореше за унапредување на економските односи меѓу двете земји преку зголемување на трговската размена и на инвестициите.

– Нас нė радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Од друга страна, пак, Република Македонија нуди огромен број можности и прилики. Едно е јасно, можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена – рече Иванов.

Тој истакна дека како држави и институции се прави сė за да се олесни патот кон целта, а, за тоа, како што вели, помогнале и географската близина, добрата инфраструктурна повразност и директните авионски линии меѓу Македонија и Турција.

– Како што македонската и турската држава си ги почитуваат ветувањата, така и турските и македонските стопанственици знаат да го испочитуваат зборот што ќе си го дадат едни на други. И со тоа, вие, стопанствениците градите доверба која потоа се пренесува на граѓаните, на потрошувачите. Македонските граѓани имаат доверба во турските производи кои по ништо не заостануваат зад европските брендови – рече Иванов.

Македонскиот претседател во својот говор нагласи и дека се подобрува договорната состојба меѓу Македонија и Турција и потсети дека историските корени на македонската економија се токму во турските чаршии и турските пазари во кои функционирале еснафите.

Членот на управниот одбор на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ), Џенгиз Гунај, потсети дека претседателот Иванов е многу значаен за ТОББ и побара негова поддршка за нивелирање на царините меѓу двете земји.

– Македонија е во срцето на Југоисточна Европа и е порта кон 650 милиони потрошувачи. Околу 100 турски компании веќе инвестирале една милијарда и 500 милиони долари и отвориле 5.000 работни места во Македонија – рече Гунај.

Иванов кој престојува во работна посета на Република Турција, денеска ќе се обрати на претседателската сесија на 21. Евроазиски економски самит, чија цел е унапредување на економската и регионалната соработка.