Фото: Игор Бансколиев

Политиката приоритет, економијата на маргините

„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе ги посочи најголемите проблеми со кои се соочуваат неколку сектори во економијата во последниве десетина години, како да се надминат тие, кои се ограничувачките фактори и мерките за справување со нив

Катерина Панчевска
Петранка Огнаноска

Развојот на македонската економија станува неизвесен. Или дали воопшто може таквото „развојно“ својство или особина да стои како одредница на нашата национална економија? Без никакви политички предрасуди за каква било квалификација, таа денес е економија зависна од многу фактори, крајно ограничена, многу далеку од атрибутот силна и самостојна, а многу поблиску до епитетот потчинета. Таа со години е со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности, кои овозможуваат избегнување закани и искористување на потенцијалните можности, зависна од увозот и од штедењето…

„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе ги посочи најголемите проблеми со кои се соочуваат неколку клучни сектори во економијата во последниве десетина години, како да се надминат тие, кои се ограничувачките фактори и мерките за справување со нив. Менаџерите, сопствениците на капацитетите од реалната економија, институциите и стручните советници со кои контактираше „Нова Македонија“, посебно за секој сектор нагласија дека Македонија мора да продолжи со структурни реформи, сѐ додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Со дефинирањето на стратегиските приоритети и нивна примена може да се постигне забрзан економски развој. Во првото продолжение, ставаме акцент на два сектора, земјоделството и текстилната индустрија, додека во наредните ќе им посветиме внимание на градежништвото, металургијата, транспортот и енергетиката.

Како стојат работите и што да се направи ако сакаме развој на земјоделството?

Расцепкани парцели, ниски приноси, мала заработка, високи трошоци, ниски откупни цени, но и неоткупени земјоделски производи што завршуваат на нивите и скапуваат… Ова се некои од проблемите карактеристични за македонското земјоделство и иако постојано се ветуваат решенија и се делат субвенции за произведено и предадено количество од одредени производи, сепак, состојбите и проблемите се повторуваат многу години и дури се мултиплицираат од година на година. Ни се случуваат дури и царински бариери, вратени шлепери полни со земјоделски производи поради отстапки во документацијата, кои пропаѓаат бидејќи оваа стока нема долг рок на употреба.
Недостигот од откупни и преработувачки центри исто така се одразува врз земјоделството, па повеќето од производителите одвај успеваат да обезбедат пласман за своите продукти.

– Состојбата во аграрот е очајна, има многу селекција. Ниедна влада длабински не ги согледа реалните проблеми на земјоделците и не пристапи кон нивно решавање. Мора неселективно да се пристапи кон проблемот, и да се бара решение за секој сегмент одделно – вели Илија Каров, поранешен професор на Факултетот за земјоделски науки во Штип.

Додава дека доколку би имало договори меѓу откупувачите и преработувачите со земјоделците, можеби состојбата ќе биде поинаква, и доколку тие се почитуваат од двете страни. Посочува дека ниту откупувачите ниту земјоделците не се придржуваат до договорите.

– Има ситуации кога откупувачите ги откачуваат земјоделците, бидејќи нашле поевтино, а има и случаи кога земјоделците поради повисока понуда ги дале производите на друг наместо на договорениот откупувач или едноставно бараат повисока цена. Договорите мора да се почитуваат! Потребно е вработување кадри во институциите што го познаваат земјоделството и кои сакаат да работат аграр, за да можат да им го пренесат знаењето на тие што сакаат да го работат. Ни треба стратегија за развој на земјоделството, систем за испитување на семињата, одбирање соодветни семиња, кои ќе одговараат на климатските промени што нѐ очекуваат. Потоа е потребна контрола на семенските материјали, посебно на увозните. Исто така потребни се совети за земјоделците какви пестициди да користат, во кој период треба да се прска конкретната културата што ја одгледуваат, како да ги заштитат растенијата од инсекти, или од разни непогоди… Има многу проблеми и потребна е голема организираност, но потребна е, пред сѐ, желба за состојбите да се променат – истакнува Каров.

Фото: Игор Бансколиев

Неговиот колега од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Ордан Чукалиев, посочи дека договорен откуп и планско производство може да има само кај култури за кои има преработка, додека, пак, за оние што нема преработка и кои мора да се пласираат свежи, нема простор за договарање.

– Домашните извозници сакаат да откупат по најниска цена бидејќи земјоделските производи се расипливи и може да пропаднат. Со една блокадата, како што беше на косовска граница од три недели, им беа направени огромни штети, сѐ што било откупено, но не и извезено, пропаднало. Дополнителен проблем за нашето производство е што произведуваме мали количества, поради што дистрибутерите за големите пазари воопшто не нѐ разгледуваат како опција. Исто така немаме ниту еден производ што се произведува 365 дена во годината. Нашите извозници не можат да преговараат со големите синџири на храна, бидејќи бараат огромни количества, а истите нив нашите производители не можат да ги обезбедат. Но, мора да посочиме исто така дека многу од продуктите што се бараат и трошат во нашата земја, не се од сортите што ги бараат светските дистрибутери, кои се трошат на европските пазари – кажа Чукалиев.

Тој предлага со земјоделска политика да се насочуваат земјоделците што да одгледуваат, за да имаат поголема заработка. Потоа подобрување на технологијата што се користи во земјоделството, за да се зголемат приносите, а да се намалат трошоците. Исто така смета дека е неопходно користење на квалитетни семиња, кои даваат поголем род, а не она што земјоделците сами си го зачувале.

Една од методите што долго време се заговара и со која според познавачите ќе се подобрат состојбите во земјоделството е консолидацијата на обработливото земјиште, но таа многу тешко се реализира. Со години се прават разни консултации, планови за тоа како полесно да се изведе истата таа, но на терен работите воопшто не се придвижуваат. Во март годинава беа објавени првите 12 избрани локации со најголем потенцијал и интерес за окрупнување на земјоделското земјиште, а во следниов период се најавува детална процена на моменталната состојба на терен за да се утврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште за вклучување во процесот на консолидација. Проектот за консолидација нема да заврши со засега избраните локации, туку во следниот период ќе бидат избрани уште 12 други локации.
За земјоделците да ги намалат трошоците за производство, државата вети и зелена нафта, или поевтини количества горива, но земјоделците се жалат дека истата таа е во многу мали количества, недоволно за потребите што ги имаат.

А како стојат работите во текстилната индустрија?

Текстилната индустрија, а особено производството на облека во последните десетина години се судира со проблемот на постојано намалување на бројот на работници и намалување на конкурентската моќ. Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) вели дека во ситуација кога повеќе од 90 отсто од производството и извозот се според системот на ЛОН, што подразбира ниско додадена вредност и многу ниски цени на услугите, кои нашите конфекции им ги даваат на странските брендови, можностите за развој се ограничени.

– Единствена можност за опстанок е автоматизација на производството и зголемување на продуктивноста што ќе овозможи одржување на рентабилноста и идниот опстанок. За жал, последниве неколку години заради хроничниот недостиг од работници во овие сектори, многу работодавци немаат храброст да инвестираат и интересот го гледаат во инвестиции во други сектори – смета Димитров.

Тој додава дека досега владите многу малку направија за развојот на овие сектори, иако во Стратегијата за развој на текстилната индустрија се предлага постепено заменување на ЛОН-производството со производство на сопствени брендови, во практика не се направени скоро никакви проекти да се помогне во овој процес.
– Единствената помош беше со приспособувањето кон повисоките минимални плати и финансиската помош за полесно справување. За жал, оваа помош се реализира во многу помал процент од планираната и денес разговараме за нова идеја, а тоа е замрзнување на придонесите во овие сектори во висина на придонесите кои се плаќаат на минималната плата. Ако оваа идеја се реализира, тогаш ќе се создадат услови за зголемување на платите на работниците и намалување на трендот на селење на работниците во други сектори или надвор од земјата – нагласува Димитров.

Според него, текстилната индустрија сѐ уште претставува значаен дел од македонската економија. Текстилната индустрија остварува извоз од околу 600 милиони американски долари и вработува над 40 отсто од вработените во преработувачката индустрија.
– Нивното значење е особено важно за руралните предели каде што вработувањето на жените во други сектори скоро и да не постои. Можноста за преквалификација и вработување на овие работнички во други сектори не постои и затоа опстанокот на текстилната индустрија има значајна социјална димензија – објаснува претседателот на ОРМ.

Продолжува