Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ургентна е потребата од преиспитување на сите ценовни компоненти и зависни трошоци доколку сакаме како земја да обезбедиме нормални услови на стопанисување. Имено, кога е во прашање цената на природниот гас како многу влијателен фактор на економичноста на кое било производство во земјава каде што тој се користи, треба да се истакне дека компаративните анализи покажуваат дека ние плаќаме многу повисока цена од производителите слични на нас во непосредното соседство и особено во Европа. Таквиот факт ја намалува нашата конкурентност и континуирано негативно влијае врз националната економија

Гасот е енергент на иднината, а конкурентноста на националните економии зависи од пристапот до евтин енергент, односно природен гас. Македонските компании немаат ниту доволно гас, а далеку од тоа дека тој е евтин. Таквиот факт ја намалува нивната конкурентност, а тоа особено се чувствува кај извозно ориентираните компании, односно на надворешниот пазар, каде што тие пласираат најголем дел од производите.
Факт е дека во нашата земја нема ниту квалитетна ниту развиена линиска инфраструктура, а за гасната мрежа воопшто и да не зборуваме. Тоа значи дека за граѓаните, а уште повеќе за македонските компании нема доволно гас, а и тие што го користат овој енергент во производствениот процес плаќаат најскап гас во Европа. Сојузот на стопански комори вели дека скапите енергенти негативно влијаат врз стопанството, особено во време на економска криза, бидејќи тие се основните предуслови за да ја зголемат конкурентноста.

Според СКМ, за целото стопанство, особено за малите и средните компании, скапиот гас, скапата електрична енергија и транспорт многу влијаат, затоа што тие се инпути во производството што може да го поскапат производството, а тоа наедно ќе ги направи и неконкурентни на странските пазари.
– Кога е во прашање цената на природниот гас како многу влијателен фактор на економичноста на металуршкото производство, па на преостанатата индустрија и населението, треба да се истакне дека компаративните анализи покажуваат дека ние плаќаме многу повисока цена од производителите слични на нас во непосредното соседство и особено во Европа – вели Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургија при Стопанска комора на Македонија и директор за стратегиско планирање, финансиски инженеринг, економски истражувања, информации и анализи во „Макстил“.

Тој го посочува примерот за цената на природниот гас во Германија од доставувач на граница во 2012 година, која изнесувала 317,50 евра, во 2013 – 296,51 евро, во 2014 – 277,27 евра, во 2015 – 193,58 евра, во 2016 – 127,94 евра, во 2017 – 126,94 евра и во 2018 година – 127 евра. Според оваа илустрација, може да се забележи дека цената бележи пад од 190,50 евра за шест години.
– Во исто време, цената на природниот гас што компанијата „Макстил“ ја плаќала на истиот паритет била следна: во 2012 година – 479 евра, во 2013 – 397 евра, во 2014 – 395 евра, во 2015 – 315 евра, во 2016 – 194 евра, во 2017 – 228 евра и во 2018 година – 230 евра – истакна Кочовски.

Од овие податоци се забележува зголемување на цената на гасот во последните две години, разликата во цената е за 103 евра повеќе споредено со Германија.
– Сигурно дека свое влијание имаат другите гасоводни системи на допрема од каде што тие се снабдуваат, количествата на преземениот гас, трошоците на неговиот транспорт и редицата зависни трошоци со кои не е обременета нашата конкуренција. Но дефинитивно е нереална цената што ја плаќаме ние како еден од најголемите потрошувачи на природен гас во земјава и таа е значително повисока и има силно влијание на нашата конкурентност – смета Кочовски.
Според него, самиот факт што во технолошкиот процес на производство на македонскиот челик, односно во т.н. „процес на валање на челичните дебели лимови“, трошоците за природен гас учествуваат со над 25 отсто, зборува навистина повеќе од доволно.

– Тоа едновремено упатува на ургентна потреба од преиспитување на сите ценовни компоненти и зависни трошоци доколку сакаме како земја да обезбедиме нормални услови на стопанисување на оваа значајна индустриска гранка – додава Кочовски.
Другите споредни причини за тоа што Македонија плаќа најскап гас во регионот, според него, е што капацитетот на гасоводот од 800 милион нормални кубни метри се користи во најдобар случај со една четвртина, што ги зголемува фиксните трошоци по нормален кубен метар.

– Неразвиената примарна гасоводна мрежа (ја има само од бугарската граница до Скопје) и уште повеќе неразвиената секундарна гасоводна мрежа и достапност до домаќинствата е само уште еден дополнителен проблем. Исто така, проблем е и што гасоводот завршува во Македонија, што значи дека нема можност за намалување на трошоците по основа на негово транзитирање низ системот – истакна Кочовски.
Во секој случај, во истиот тој контекст треба да се види пошироката слика на проблемот. Со еден сериозен, системски интегрален пристап, треба сите економски политики да бидат насочени кон тоа како сѐ подинамично да се намалува трговскиот дефицит и невработеноста, а да се зголемат инвестициите и извозот. Добрите економски политики треба да имаат јасни цели – стабилен пораст и вработување најмалку на природниот пораст на населението. Има едно правило дека во услови на континуирано лоша инфраструктура, односно енергетика, компаниите се континуирано неконкурентни.

Голем хендикеп и на целата македонска економија е токму линиската инфраструктура. Како држава сѐ уште имаме исклучително слаби поврзувања и вмрежувања. Лоша состојба на таквата линиска структура, особено исклучително е лоша состојбата во енергетиката, попрецизно – кај гасот. Неопходни се инвестиции во линиската инфраструктура, вклучувајќи ги примарната и секундарната гасоводна мрежа, за да може на перманентна основа да се подобрува конкурентноста на компаниите, а со тоа и на целата економија. Но исто така инсистирањето за да се обезбеди евтин енергент како што е природниот гас, ќе има значително влијание на влезните трошоци на компаниите и на производот, а со тоа и на неговата конкурентност. Пораката на економските аналитичари е јасна: пристапот до евтин гас ќе биде еден од клучните услови на економската конкурентност на националното стопанство.