Фото: Игор Бансколиев

Иако неизвесноста наметната од коронавирусот и натаму е присутна, вработените во ски-центрите укажуваат дека се почитуваат сите протоколи за заштита и на посетителите и на вработените и им гарантираат безбеден престој на гостите. Потенцираат дека протоколите се барани и од самите посетители, како и дека истите тие доследно се применуваат

Во очекување на зимата

Скијачките центри во земјава ги прават последните подготовки во исчекување на новата зимска сезона. По минатогодишната успешна зимска сезона, и покрај пандемијата со коронавирусот, преставниците на зимските центри велат дека оваа година се надеваат на уште поуспешна сезона и истакнуваат дека максимално се посветени на подобрување на условите за престој на гостите. Дополнуваат дека неизвесноста наметната поради присуството на коронавирусот и понатаму е присутна, но укажуваат дека се почитуваат сите протоколи за заштита и на посетителите и на вработените, поради што им гарантираат безбеден престој на гостите.
– Во согласност со најавите од страна на соработниците и барањата за хотелско сместување досега, „Ресорт Маврово“ очекува интензивна и зафатена зимска сезона 2021/2022. Искрено веруваме дека посетеноста ќе биде на високо ниво. Во моментов е започната продажбата на сезонски ски-карти со промо-цени, која ќе трае до 1 ноември. Со воведување на протоколите од страна на Владата, ги презедовме сите потребни чекори во насока на заштита од ширење на пандемијата и за своите вработени и за своите гости. Истите тие се применуваат сѐ уште во сите наши хотелски објекти, почнувајќи од носење заштитна маска, сѐ до протоколите за организација на настани. Гостите се информираат пред доаѓање и на самото пријавување во хотелот, а организаторите на настани и сами ги ставаат во своите барања како функционален начин на работа – објаснуваат претставниците на „Ресорт Маврово“.

Оттаму додаваат дека се надеваат на уште поголема искористеност и посетеност во текот на претстојната зимска туристичка сезона и посочуваат дека веќе има договори за престој и на странски гости.
– Веруваме дека процентот на искористеност ќе биде повисок во однос на минатата година, земајќи го предвид фактот дека во туризмот неминовно сите ние почувствуваме застој. Веќе имаме потпишано договори за соработка со клиенти од Косово, клиенти од Чешка. Дополнително најавите и интересот од страна на рускиот пазар е сѐ поголем во последниов период – укажуваат од „Ресорт Маврово“.
Првиот човек на „ЕЛЕМ турс“, во чија надлежност е ски-центарот „Попова Шапка“, како и два хотела на Попова Шапка и хотелот „Молика“ на Пелистер, за „Нова Македонија“ посочи дека очекува уште поуспешна зимска сезона од минатата, пред сѐ благодарение на новитетите што се воведени во ски-центарот изминатиов период.
– Имаме многу новитети и поволности обезбедено за посетителите на скијачките центри, веќе се прават и финалните подготовки и очекуваме солидна посетеност. Изминатиов период беше инвестирано во повеќе проекти со кои очекуваме и позадоволни гости и, секако, оваа година очекуваме уште поголема посетеност од претходната. Ние сме посветени на подобрување на условите за максимално уживање на гостите за време на нивниот престој во ски-центрите. Веќе има интерес за резервации, протоколите одредени поради пандемијата се почитуваат и ќе продолжиме така. Минатата година имавме гости од Чешка, Србија, Албанија, Косово, и покрај пандемијата, и секако очекуваме тие да ја посетат нашата земја и оваа година. Сметаме дека ќе има уште поголем број гости годинава, како домашни така и странски – укажа Адем Авзиу, управител на „ЕЛЕМ турс“.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе посочија дел од плановите и чекорите за побрзо закрепнување на туризмот во овој и во следниот период. Оттаму укажуваат дека пандемијата на ковид-19 наложи промени во сите пори на животот и потреба од брзо приспособуваат и нагласуваат дека новата реалност во туризмот ќе изискува промена на целите и фокусот на пазари.
Во согласност со нивните укажувања токму активниот туризам ќе биде во фокус на туристите, а очекуваат да расте и интересот за посета на екодестинации и престој во мали сместувачки капацитети.
– Промоцијата како основна активност на АППТ, за 2022 година предвидува зголемено присуство на саемски манифестации на примарните и секундарните пазари, но и маркетинг-активности во истите тие. Промоцијата ќе биде зајакната преку продукција на 360 видеотури од туристички атракции, информативни патувања, продукција на нови електронски и печатени промотивни материјали, како и промотивни активности за нови туристички производи, како на пример за ИТ-номади. Во програмата на АППТ за 2022 година е предвидено да влезат проекти за заштита на постојните и обнова на старите занаети, кои се во функција на туризмот, валоризација на граничните премини, изработка на туристички мапи и многу други што ќе придонесат за остварување на очекувањата да се реализираат над два милиони ноќевања и над 300 милиони долари девизен прилив од ставката туризам – укажуваат од АППТ.