Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конзервната индустрија со постојан раст на производството

Приготвувањето домашна зимница, традиција што се негуваше и делумно сѐ уште се негува во нашата земја, полека, но сигурно преминува во рацете на професионалците. Она што најмногу наликува на домашно производство, имено преработки на овошје и зеленчук, било да станува збор за разни џемови, или, пак, ајвар и други слични продукти постојано расте. Очекувањата се дека и во иднина сѐ повеќе ќе се зголемуваат побарувачката и производството на тој вид производи. Упатените покажуваат дека секторот бележи континуиран раст од година на година, како во производство така и во извоз на обработени земјоделски продукти.
– Секторот со години успешно опстојува и има континуиран пристоен раст од 3 до 10 проценти годишно. Податоците со кои располагаме покажуваат дека на годишно ниво има остварен извоз од над 60 милиони евра и над 10 милиони евра се од домашен пласман. Очекувањата се исто така оптимистички и се очекува овој тренд да продолжи и во наредните години. Сепак, треба да бидеме реални и да кажеме дека поголем раст не се очекува додека не дојде до подобрување на макроекономскиот амбиент во Македонија. За раст на оваа индустрија, потребно е окрупнување на земјоделското земјиште за производство на суровини. Потоа релаксирање и упростување на ригорозната царинска политика околу увоз на суровини, репроматеријали, опрема, резервни делови и нерешеното прашање за издвојување на привремено ангажирање сезонски работници од редовното вработување… – објаснуваат претставниците на Групација на конзервната индустрија, при Стопанската комора на Северна Македонија.

Претставниците на секторот посочуваат дека извоз на вакви производи има на најголемите светски пазари како Соединетите Американски Држави, Канада, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, но и во голем дел од земјите-членки на Европската Унија (како Германија, Австрија, Шведска, Норвешка, Данска, Франција…) и поранешните држави на Југославија (Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија). Додаваат дека извозот е особено позначаен во земјите каде што има поголема имиграција од поранешна Југославија, како и од Средна и од Источна Европа.
Иако Македонија има традиција на домашно производство на зимници, меѓу кои спаѓаат и дел од производите што се произведуваат во конзервната индустрија, сепак, последните години се забележуваат промени и постепено напуштање на оваа традиција. Есенскиот период претежно е карактеристичен по готвењето на традиционалните производи од пиперки, како разни ајвари, пинџури или лутеници, но компаниите од конзервната индустрија посочуваат дека ваквите производи сѐ повеќе се бараат и купуваат и на домашниот пазар, што укажува на намалување на домашното производство.
– Сметаме дека традиционалните зимници и понатаму се прават, но во многу помал обем отколку претходно. За тоа има повеќе причини, од една страна напуштање на социјалистичкиот систем кога луѓето имаа повеќе време за правење домашна зимница, потоа промена на животните навики на населението, динамичните промени во начинот на живеење карактеристични за светот се пренесоа и кај нас. Од друга страна, професионализмот во изработката ги привлече граѓаните, а придонес има и неекономичноста на правење зимница во домашни услови, немањето слободно време за таа намена, поинаква култура во овој поглед кај повеќето млади, кои ги напуштаат овие навики, и слично – додаваат од групацијата.

Од групацијата посочуваат дека и во иднина очекуваат да продолжи трендот на купување производи од конзервната индустрија, како и да се зголемува интересот за нив.
– Очекувањата се дека таквиот тренд ќе продолжи и ќе се зголеми. Светските информации говорат и дека ќе се зголеми побарувачката на храна генерално во целиот свет. Причина е натамошниот раст на вкупното население. Поради сегашната светска пандемија на ковид се зголемува широката потрошувачка и консумација на овие продукти во домаќинствата. Конзервната индустрија како сектор се приспособува на таквите трендови и го зголемува своето производство. Сепак како што претходно спомнавме, потребно е што поскоро решавање на горенаведените проблеми од макроекономска природа – додаваат од групацијата.
Сопственикот на компанијата „Јоми фуд“, производител на повеќе производи од областа на конзервната индустрија, посочува дека побарувачката кај граѓаните од година на година се зголемува и додава дека нашите граѓани бараат ајвар или други типови производи сѐ повеќе и повеќе, но исто така укажа на недостигот од суровини.
– Побарувачката се зголемува постојано и иако сме ние мали производители, во споредба со други компании во земјава, чуствуваме дека производите се бараат и се трошат и дека на пазарот има потреба од вакви производи. Но во последно време проблематична станува набавката на суровини, чии цени се во постојан раст, особено оваа година поради пандемијата, сѐ е поскапено – од маслото, теглите, капаците, транспортот…, а нашите цени остануваат исти. Дополнително и пиперките како една од суровините поскапуваат, а и кај другите земјоделски продукти има раст на цените. Ова влијае малку демотивирачки, не успеваме да ги покриеме трошоците со финалните цени по кои ги продававме производите – објаснува Зоран Аврамов.
Тој дополнува дека ајварите и другите слични производи од пиперки што се прават низ Македонија, а кои стануваат сѐ побарани и во соседството или подалеку, би можеле да станат примамливи и за производителите во соседните земји.
– Доколку почнат со вакво производство и во Србија или Босна и Херцеговина, за што има голема веројатност ако расте побарувачката, тамошните производители ќе нѐ надминат. Имаат повеќе суровини, имаат повеќе работна рака. За малите компании кај нас веќе станува тешко да се работи – вели Аврамов.

Тој дополнува дека за големите компании е полесно да се надминат тешкотиите, благодарение на поголемото и поразновидно производство и дополнува дека со поврзување кон големите компании или преку соединување на повеќе помали компании би можело производството да стане порентабилно.
– Кај нас се работи од овој период, па до Нова година, по што фабриката затвора. Евентуално, со припојување би можеле да продолжиме на подолг период, вака сега не е толку рентабилно како порано. Трошоците значително се пораснати, што создава притисок и ние да ги зголемуваме цените. Со сегашните цени, ние дури ги нудиме производите поевтино отколку сами дома да ги прават луѓето. Ваквите услови прават да пропаѓаат помалите компании, но на пазарот ќе опстанат големите, или компании што имаат повеќе програми, не само еден и кои имаат повеќе области на дејствување, а не само еден или неколку слични производи – објаснува Аврамов.