По десетгодишна истражувачка работа, еден научник на јавноста ѝ го претстави својот статистички приказ за глобалистичките нееднаквости во периодот 1998-2008, таканаречениот „слоновски графикон“. Кривата линија јасно укажува на судирот помеѓу добитниците и губитниците од глобализацијата во светот, односно помеѓу државите во развој и развиените држави. Тој покажа и како всушност светот забележа глобален пад (сиромаштија) од една страна, но и незапаметен раст – богатење на 1 отсто од супербогаташите, од друга страна

Личноста околу која се крена голема прашина во економскиот свет го носи презимето Милановиќ. Кој е тој човек и зошто има толку голема бура околу неговото истражување?
Името му е Бранко Милановиќ, роден е во Париз, а живее и работи во Вашингтон. Тој докторирал на темата за економската нееднаквост во Југославија, а од 1990 година работи во истражувачкиот оддел за анализа на сиромаштијата и нееднаквоста во Светската банка, Вашингтон. По десетгодишна истражувачка работа, тој на јавноста ѝ го претстави својот статистички приказ на генерираните глобалистички нееднаквости во периодот 1998-2008, преку таканаречениот „слоновски графикон“, што поради научно фундираните заклучоци, дигна голема бура во економскиот свет. Имено, кривата линија јасно укажува на судирот помеѓу добитниците и губитниците во светот од глобализацијата, односно помеѓу државите во развој и развиените држави. На пример, во текот на изминативе 30 години, кинеските и индиските средни класи се богатеа, за разлика од американските и европските. Меѓу другото, на тој начин, светот забележа глобален пад (сиромаштија) од една страна, а незапаметен раст – богатење на 1 процент од супербогаташите, од друга страна. Оттука произлегоа гневот (сѐ уште притаен) кај земјите во развој, но и многу транспарентната јарост кај американските и европските средни класи кон глобализациските елити, односно кон финансиско-економските гиганти и нивните политички заштитници, кои поведоа неолиберална револуција заради богатење на неколкумина светски „мултикултуралци“.

Од една страна, со несигурноста на работните места кај пониските слоеви на работничката класа во демократските држави, се „расипа“ традиционалниот „социјален лифт“, кој ја одржуваше вербата во социјален напредок преку чесна работа. Од друга страна, сите средни слоеви во демократските општества се почувствуваа обесправени, бидејќи не извлекоа задоволителна фер добивка од неолибералните приватизации и трансферот на нивното знаење и достигнувања во отсуство на филтерот (регулаторот), кој го претставуваа силните национални држави. Според ова, поборниците на англоамериканскиот протекционистички економски преврат се всушност губитници на глобализацијата. Нив ги поддржуваат конзервативците, според кои „слоновската крива линија“ го оправдува гневот на граѓаните што ги донесоа на власт.

Последното упориште на англоамериканскиот прогрес, Европската Унија, почна да се занимава со „слоновскиот графикон“ дури во 2016 година. Според владејачките европски „прогресивни“ елити, графиконот на Милановиќ не го оправдува гневот на осиромашената англоамериканска средна класа, туку дава објаснување за тоа од каде доаѓа опасното протекционистичко искушение, кому Англоамериканците толку лесно му се препуштија. Ниту растечкиот гнев на европските протестанти во жолти елеци низ Европа, со епицентар во Франција, не ги поколеба во јасната намера да продолжат да го „хранат“ глобализацискиот модел (во форма на незаситен слон) од буџетскиот дефицит и понатамошниот фискален притисок врз даночно преоптоварените граѓани.

Што е она што се крие зад симболиката на слонот, најголемиот планетарен дебелокожец? Дваесетте милиони контејнери, кои во секоја секунда транзитираат низ океаните се највидливиот вектор на глобализацијата на пазарот. Меѓу нив е оној европскиот, како еден од најотворените, благодарејќи на многуте договори за слободна трговија, потпишувани од европските држави, почнувајќи од 1970-тите години до денес. Токму тие договори и финансијализацијата на светската економија, две страни на еден ист медал, ја хранеа ламјата на новиот планетарен економски поредок: глобализацијата.

(Утре: Како тргна целата работа со глобализацијата: Финансијализација на светската економија)