Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за земјоделство очекува наскоро да почне обесштетувањето од поплавите и временските непогоди во 2016 и 2015 година. Предметите се во надлежната владина комисија, а подготвена е информацијата што треба да помине на седница на Владата, по што ќе почне исплатата, најави вчера шефот на кабинетот во Министерството, Трајан Димковски. Тој дополни дека за обесштетување на земјоделците од временските непогоди во 2018 година сѐ уште нема конкретна бројка зашто процената е во тек.

– За 2017 година сумата што треба да се исплати е околу четири милиони евра. Според Платежната агенција, делот во Ресенско е целосно исплатен. Другите штети се исплаќаат, но колку точно од четирите милиони се исплатени не можам да кажам. За земјоделските површини не е направено ништо во 2016 година. Постапката е заглавена поради фамозната уредба, која го кочи целиот процес. Барањата се стигнати до владината комисија за штети, треба да бидат препратени во Министерството за земјоделство. Но ние не можеме да постапиме зашто парите се исплаќаат преку Платежната агенција, која, пак, работи по индивидуални случаи, а не по елаборати на општини во кои може да бидат опфатени 1.000 или 2.000 земјоделци. Тука е застаната целата работа. Подолго време се обидуваме да го откочиме процесот – објасни Димковски.

Во врска со осигурувањето на земјоделските површини, тој истакна дека трендот на намалување продолжува. Во 2015 година имало 5.000 полиси, а лани само 2.000 иако државата обезбедува 60 проценти поддршка.
Шефот на кабинетот апелира земјоделците да не шират дезинформации околу откупната цена на пченицата. Сумата што ја посочуваат од седум до 8,5 денари, рече Димковски, се однесува на пченица за сточна храна, а не за лебно зрно.
Според Димковски, има мелници што ја откупуваат пченицата и за 11 денари, но станува збор за род со висок квалитет. Ваква цена не може да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку големите со 300-500 хектари.

– Доста е со вакви изјави. Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата. Тоа влијае негативно врз откупот, а го користат и трговците. Идејата е да добиеме квалитетен, конкурентен производ, а не веднаш да зборуваме за ниски цени за да се добијат дополнителни два денара поддршка. И да се договорат за повисока цена, производителите треба да премолчат – нагласи Димковски. Посочи дека Министерството сака да работи отворено и транспарентно со сите засегнати страни.