Фото: Маја Јаневска-Илиева

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатите три години извозот на земјоделските производи се зголемил за 1,63 отсто, а увозот за 13 проценти

Ниските откупни цени, неорганизираноста на земјоделците, нелојалната конкуренција, монополот на пазарот за откуп, непостоењето на договорно производство, недостигот од едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците и негативните влијанија од климатските промени, според Националната федерација на фармери (НФФ), се главните проблеми со кои се соочија земјоделците изминатата година.

– Во последните десетина години производствените цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните се намалуваат. Од друга страна, тука се и климатските промени, кои прават големи штети во сите земјоделски сектори. Сепак, ниските откупни цени се нешто што најмногу го погодува македонскиот земјоделец и го доведуваат примарниот земјоделски производител во ранлива положба. Алчноста и немањето општествена одговорност кај големите откупни компании ќе придонесат да се уништи македонското земјоделство – посочи претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Таа посочи дека големите преработувачки и откупни компании во земјава се закана и за работничката класа во градовите, бидејќи се зголемува увозот на земјоделски производи, а со тоа расте и цената на храната. Во изминатите три години, додаде таа, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на земјоделските производи се зголемил за 1,63 отсто, а увозот за 13 проценти.

– Бараме сериозен дијалог и креирање мерки од државата во насока на обезбедување егзистенција и достоен живот на руралното население и организирано производство, како и почитување на Законот за земјоделство, при што откупувачите до крајот на март ќе ги пријават количествата што сакаат да се откупат и ќе потпишуваат договори за откуп со јасно дефинирани откупни цени, кои треба да се повисоки од производствените цени – рече Мојсовска.

Климатските промени, истакна таа, најмногу влијаат на пченицата, грозјето, доматите, луцерката и јаболката.

– Треба да се градат политики што ќе овозможат адаптирање на нашето земјоделско стопанство на новата клима, како и мерки што ќе станат дел од Стратегијата за земјоделство и рурален развој и од Државната програма за финансиска поддршка за рурален развој. Голем акцент треба да се стави и на реконструкцијата и модернизацијата на водоводните мрежи низ државата – посочи Мојсовска.
Федерацијата бара почитување и имплементирање на Декларацијата на Обединетите нации за правата на селаните и другите лица што работат во руралните средини. Мојсовска нагласи дека особено ги радува што е воведен Правилникот за продажба на мало за производи од животинско потекло и што е во подготовка правилник за производи од растително потекло.

Таа нагласи дека субвенциите им се добредојдени, но додаде дека бараат откупните цени на земјоделските производи да бидат реални, а не државата да го дополнува она што им го одземаат откупувачите на производителите.

Во земјава 180.000 семејства егзистираат од земјоделство, а 45 отсто од населението живее во руралните средини, кои опфаќаат 87 проценти од нејзината вкупна површина. Земјоделството продуцира 12 проценти од БДП, а во првиот квартал од годинава земјоделството, шумарството и водостопанството учествуваа со 6,6 отсто во БДП, што е раст од 5,1 отсто во однос на истиот период лани. Е.Р.