Фото: Архива

Со платежни картички и повеќекратно земјоделците наскоро ќе можат да купуваат само еуродизел-гориво за земјоделска механизација.

Околу 55 илјади земјоделци првпат ќе бидат опфатени со мерката зелена нафта, а програмата за директни плаќања предвидува 200 милиони денари.

Тендерот за набавка на гориво за земјоделска механизација е објавен вчера, а целта на надлежните е да се намалат производствените трошоци на земјоделците.
Оваа јавна набавка е во согласност со планот за јавни набавки на Платежната агенција и по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Претходно, во согласност со процедурите, беше објавен техничкиот дијалог на кој сите заинтересирани компании имаа можност да ја разгледаат тендерската документација и да дадат забелешки доколку имаат. Право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица-понудувач што се регистрирани за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот. За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор чија понуда претходно е оценета како прифатлива. Рангирањето на понудувачите ќе се врши според висината на понудените цени.

Со оваа јавна набавка, Платежната агенција овозможува кофинансирање на 30 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација. Во согласност со изработената методологија, висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што ги одгледуваат. Онаа компанија што ќе го добие тендерот ќе треба да ги испечати платежните картички, потоа да ги достави до Платежната агенција, која преку подрачните единици ќе им ги доделува на земјоделците. Платежните картички ќе бидат со определeн износ, врз основа на големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година. Е.Р.