Во последните години континуирано се намалуваат обработливите површини - Фото: Дарко Андоновски

Ниските приноси и ниската продуктивност, кои резултираат со ниска профитабилност, како главни проблеми во земјоделството, водат кон неодржливост на системот

Земјоделско-прехранбениот сектор е сложен диверзифициран систем, кој вклучува повеќе сектори и многу проблеми што го оневозможуваат развојот на оваа клучна стопанска гранка во македонската економија. Проблемите во земјоделството речиси стануваат традиционални. Овој сектор во вкупниот бруто-домашен производ учествува со 10-12 отсто, а заедно со преработувачката индустрија достигнува од 16 до 18 отсто. Сепак, во последните години континуирано се намалуваат обработливите површини. За подобрување на состојбата има многу визии, но малку конкретни активности.

– Создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Македонија, бара спроведување сеопфатни мерки во низа области, ефективни земјишни политики, финансирање, преструктурирање на земјоделското производство и пазар што обезбедува средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери – објаснува Васко Ристовски, советник во Стопанската комора на Македонија.

Според Никола Деребанов, директор на компанијата „Перминдекс“ (застапник на фирмите: винарница „Стоби“, „Вардар Градско“, „Црвенибрегови“ и млекарницата „Галичник“), главен проблем во земјоделството е што нашата држава има ниски приноси, ниска продуктивност и според тоа и ниска профитабилност, а сето тоа, како што вели, води до неодржливост на системот.

– Оваа состојба трае веќе десетина години и најголемиот проблем е што таа се влошува, а ние не преземаме никакви сериозни структурни мерки и реформи. Еден основен проблем, кој е дефиниран во нашата земјоделска стратегија и од каде што треба да се тргне при креирање политики за раст и развој на земјоделскиот сектор, е големината на земјоделските стопанства. За жал, во Македонија се намалува бројот на земјоделски површини, но најголемиот проблем е големината. Просекот на земјоделските стопанства во Македонија во 2016 година е 1,8 хектар, во индивидуалниот сектор е 1,5 хектар, а тие земјоделски стопанства ги имаат на 5 до 8 парцели, и тоа е катастрофа споредено со европските просеци, кои се 16 хектари во 2013 година. На пример, Грција има 6,8 хектари, Словенија – 6,7 хектари, Бугарија има 18 хектари, Хрватска – 10 хектари – вели Деребанов.

Тој додава дека ние како држава сме го дефинирале проблемот, но дека никакви структурни мерки не сме презеле за да го решиме тоа.
– Во 2011 година, Македонија направила промена во Законот на земјоделско земјиште, каде што беше забранета физичка делба на катастарски парцели помали од 2 хектари, и не само што не сме го решиле проблемот со ова, туку и сме го влошиле, што е многу лоша политика – споменува Деребанов.
Според него, просекот на земјоделските стопанства е најклучен затоа што со еден хектар, едно земјоделско семејство што примарна дејност му е земјоделството, не може да опстане.

– Сите мерки што досега ги правиме се во спротивност со земјоделската стратегија, која вели дека треба да го окрупнуваме. За да се спречи раситнувањето на земјата, потребна е промена на Законот за наследство на земјоделските стопанства, со кој, ако има повеќе наследници според законот, само еден ќе може да го наследи правото на земјата, а другиот ќе биде обесштетен, бидејќи не е наследник – вели Деребанов.
Следниот проблем што тој го детектира е огромното земјоделско земјиште што не е искористено, затоа што има нерешени имотноправни односи.

– Ние како држава немаме право да му одземеме некому сопственост, но секако можеме да одземеме корисничко право. Ако некој сопственик не сака да ја работи нивата, тогаш има друг што ќе сака да работи и ние треба да направиме услови како да му овозможиме на тој земјоделец што навистина сака да се занимава со земјоделство да има земја и како да го зголеми овој просек на земјоделско стопанство. Дури ми доаѓаат идеи, на пример, како данок на необработливо земјиште. Спрема тоа, сметам дека основен проблем што мора да се решава итно е големината на земјоделското земјиште, затоа што последиците се јасни, мали земјоделски стопанства не можат да бидат продуктивни – објаснува Деребанов.

Тој вели дека ако му е овозможено на еден земјоделец со еден хектар да купи трактор, а со тој трактор може да се работат 30 хектари, тогаш тој е целосно неконкурентен, и не може да ја покрие амортизацијата на тракторот.
– Ниската продуктивност се должи на ниското ниво на знаење. Како ќе направиме знаење за 180 илјади земјоделски стопанства, ако не ги окрупниме овие земјоделски стопанства, нема да се изврши трансфер на знаење и никогаш тие нема да стигнат до ниво на продуктивност што го има во Европската Унија. Знаењето е динамичен ресурс, треба цело време да се обновува. Наедно, сметам дека треба итна дебата меѓу Министерството за земјоделство, универзитетите и приватниот сектор – посочува Деребанов.

Освен тоа, како што објаснува професорот Борис Анакиев, стратегиските приоритети за развој на земјоделските стопанства, би требало да бидат и трансфер на знаења и иновации, одржливо управување на природните ресурси, интегрирање на земјоделските производители во прехранбен синџир, промовирање на производот со високо додадена вредност во прехранбената индустрија…
– Имаме многу низок степен на користење на производните фактори во земјоделството, како земја, труд и капитал, поради технолошки менаџерски и пазарни слабости и уситнетост на користените површини на земјоделското производство – објаснува Анакиев.

За да се искористат откриените можности поврзани со растечката побарувачка на храна и приближување до ЕУ, Анакиев вели дека македонското земјоделство треба да ги искористи силните страни, да ги надмине слабостите и да ги неутрализира можните опасности, а на долгорочен план тоа бара мерки од структурен карактер.

[email protected]