Не се очекува ниските температури што деновиве ја зафатија Македонија да предизвикаат измрзнување или оштетување на земјоделски култури, бидејќи во наредниот период се очекува температурите да се искачуваат, објаснуваат агрометеоролозите откога некои од земјоделците почнаа да стравуваат дека нивните насади би можеле да страдаат поради студеното и суво време.
– Студениот бран поминува, од денеска се очекуваат повисоки температури и во текот на денот, но и во утринските часови. Иако во Пелагонија на одредени локации имаше задржување на водата на површината и нејзино замрзнување, но за краток период таа се впи во земјата. Добро е што претходно имавме дождови, но и снег, бидејќи се навлажни земјата, а тоа ќе овозможи вегетацијата да има доволно вода за презимување – објаснува Ангелко Ангелески, агрометеоролог при Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Сепак, Ангелески истакнува дека и во следниот период ни се потребни врнежи, особено снег.

– Ќе ни бидат потребни уште дождови, особено за напролет кога ќе почне вегетацијата да расте, кога ќе ѝ биде потребно повеќе вода. За да има вода напролет, сега ни треба снег, кој ќе биде добредојден за полнење на акумулациите. Со досегашните дождови некои од акумулациите се поднаполнија, но сѐ уште се под просекот и далеку од максималните капацитети. Ако имаме снег на планините, има некаква гаранција дека напролет, кога ќе растат температурите, ќе има вода во акумулациите, но сега имаме малку снег, не на сите планини. Ниту висината на снежната прекривка не е доволна за да очекуваме дека ќе имаме доволно водни резерви за пролетта и летото. На Шар Планина имало и по два метра снег, а сега прекривката е само четириесетина сантиметри. Потребни ни се нови врнежи, но подобро е тие да бидат од снег, наместо дождови, за да не дојде до излевање на реките – истакнува Ангелески.
Тој посочува дека промените во временските услови што се веќе забележливи за сите се резултат на климатските промени, поради кои имавме екстремно сушна есен, без капка дожд.
– Се случува да немаме дождови подолг период, а наеднаш во една недела да наврнат огромни количества. При последните дождови, во една декада наврна трипати повеќе дожд отколку што паѓа во цел месец. Просекот за јануари е 33 литри месечно, а во Македонија за една недела имавме 120 литри дожд во струмичкиот регион. Ова е крајно неповолно, дождот е неопходен, но да е рамномерно распореден. Вака може да предизвика поплави, да направи штети, а во други делови и понатаму да е суво. Нерамномерно е распореден, што негативно се одразува врз земјоделството – посочува Ангелески и дополнува дека поради промени земјоделците ги менуваат сортите што ги одгледуваат.

Тој укажува дека многу од земјоделците во Овчеполието, наместо пченица, последните години засадуваат јачмен, кој порано созрева, за да се избегнат јунските топлотни бранови.
– Мора да се градат системи за наводнување, дури и кај овоштарниците и кај виновата лоза, бидејќи, како што гледаме, сѐ повеќе ни треба вода, а сѐ помалку ја имаме. Ако не се наполнат акумулациите, нема да имаме за наводнување. Оранжериското производство, иако е позаштитено, сепак, има потреба од вода. Ова е сплет на околности, но генерално останува и понатаму дека земјоделството е фабрика на отворено и дека зависи од временските услови – истакна Ангелески.