Во првите шест месеци од годинава, за дури 60 отсто е повисока вредноста на трансакциите во онлајн трговијата, споредена со истиот период лани, кога поради состојбата со пандемијата повеќе се купуваше на интернет. Од јануари до јуни годинава, македонските граѓани потрошиле речиси 170 милиони евра. Првото полугодие од годинава има повеќе трансакции отколку цела 2019 година.
Во првото полугодие од 2021 година, направени се 6,54 милиони трансакции, што преставува пораст од 50 отсто во однос на бројот на направените трансакции во истиот период минатата година. Вредноста на просечната трансакција е зголемена и таа изнесува 26 евра, наспроти 24 евра во истиот период минатата година.
– Во првото полугодие минатата година, просечната трансакција на правните лица била поголема (30,7 евра) во однос на физичките лица (23,8 евра). Во 2021 година е речиси изедначена помеѓу правните и физичките лица – велат од Асоцијацијата за Е-трговија.