Министерот за економија, Крешник Бектеши, се сретна со новоименуваниот амбасадор на Јапонија Хиронори Савада. На средбата беше констатирано дека има позитивен развој на билатералните односи помеѓу двете држави, за што се констатирани и можности за натамошно унапредување.

Во таа насока министерот Бектеши ја нагласи важноста од продолжување и интензивирање на заемната соработка на сите полиња, особено зајакнувањето на билатералната трговија и зголемувањето на јапонските инвестиции во земјата.

Министерот Бектеши го информираше амбасадорот Савада за мерките коишто ги презема Владата во изминатиот период за поддршка на економијата во справување со негативните последици предизвикани од пандемијата, при што информираше дека во наредниот период засилено ќе се работи во реализација на инвестиции во делот на инфраструктурата и енергетиката, посебно во делот на гасификацијата, како и обновливите извори на енергија.

– Работиме на развивање на економијата и создавање услови за нејзин раст и развој по смирувањето на пандемијата, но и сите негативни страни да ги искористиме како можности во периодот кој следи. Посветени сме во поддршка на работниците и целокупната економија, но и привлекување инвестиции. За нас од голема важност е соработката со земји како Јапонија со која имаме голем неискористен потенцијал во делот на трговската размена – кажа министерот Бектеши.

На средбата се најавени заложби за поголем број инвестиции од јапонски компании во земјава. Изразена е определба од Јапонија и за силна поддршка во делот на економијата и социјалата.